Годинашното издание на конференцијата на Apple за програмери – Worldwide Developers Conference (WWDC) беше отворена со раскошно продуцирана Keynote презентација, на која беа најавени новите оперативни системи за уредите на Apple и беа објавени неколку нови производи.
Првата тема на презентацијата беше мобилниот оперативен систем за iPhone наречен iOS 16. Надградбата ќе им даде на корисниците уште повеќе опции за персонализација, а најголемата промена ќе биде на екранот што се гледа на iPhone кога уредот е заклучен, односно на lock screen. Ќе можат да се избираат различни фонтови, бои и многубројни ефекти, а секој елемент од овој екран ќе може да се приспособува. За прв пат на овој дисплеј ќе бидат достапни и виџетите. Сè ќе биде интерактивно, а на „заклучениот екран“ ќе може автоматски да се менуваат фотографии од сопствената галерија, кои самостојно ќе ги бира уредот.
Известувањата исто така ќе се прикажуваат поинаку – ќе се „тркалаат“ од дното на екранот нагоре и, како што велат од компанијата, ќе бидат појасни од претходно. Известувањата, како и виџетите, ќе бидат интерактивни, па ќе можат да „оживуваат“ и да ги прикажуваат резултатите од натпреварите и слично. Секоја поставка на Focus ќе може да има свој „заклучен екран“ со посебни поставки, што значи дека корисникот ќе може да го приспособи овој екран и неговиот приказ на работа, дома и за време на други активности.
Во апликацијата Messages ќе биде овозможено накнадно уредување на iMessage пораките, нивно бришење и означување на истите како непрочитани. Дополнителните можности ќе вклучуваат опции за заеднички гледање видеа и диктирање пораки наместо пишување. Live Text, можноста којаго препознава текстот на фотографиите и автоматски го преведува, од iOS 16 верзијата ќе работи и во рамки на видеата.
Мобилниот паричник (апликацијата Wallet) ќе ја прошири поддршката за дигитални клучеви во собите, автомобилите и слично, а iOS ќе нуди и опција за споделување на тие клучеви со други луѓе, дури и ако немаат iPhone. Тоа значи дека нивниот систем би требало да стане стандард меѓу платформите. Новата опција Apple Pay Later ќе им даде можност на клиентите да платат која било фактура веднаш преку Apple Pay и да ја отплатат подоцна, на четири рати.
Надградба ќе доживее и Apple Maps, со проширување на достапноста на напредните 3D прикази на на нови територии и градови, нешто подетално планирање на рутите и услугите поврзани со јавниот превоз. iOS 16 ќе го олесни и управувањето со поставките на уредите што ги користат децата, преку подобрени и поедноставени родителски контроли. Тука ќе бидат и синхронизираните споделени фото албуми, кои исто така ќе го подобрат семејното искуство и ќе им го олеснат споделувањето на заедничките моменти.