Што може да се прави со толку голем таблет уред? За што тој навистина служи? Galaxy Tab S8 Ultra Е наменет за креативци, уметници и оние кои умеат да цртаат. Фантастичниот екран, S-Pen пенкалото и начинот на кој сето тоа одлично функционира во пракса ја одредува специфичната намена на овој таблет.
Текст и фото: Никола Бурагев
Изгледа дека Galaxy Tab S8 Ultra е уред за на оние кои велат – големината е битна. Овој таблет не е голем, туку огромен, предимензиониран со својот екран од 14,6-инчи или подобро речено со дијагоналата од 37 см. Навистина се добива впечаток како да сте го извадиле екранот од 15-инчен лаптоп. Со еден збор, полни раце работа, бидејќи Galaxy Tab S8 Ultra е со димензии 21 см во висина, 33 см во ширина, а дебел е само 5,5 мм. Тежок е речиси како некој ултрабук компјутер – 730 грама.
Првиот впечаток за големината го сугерира пакувањето. Тенката, но голема кутија јасно покажува дека внатре се наоѓа нестандардно голем таблет уред. Кога ќе го отворите пакувањето, дури тогаш сфаќате колку навистина е голем овој Galaxy Tab S8 Ultra. Во тој момент станувате свесни дека целата приказна и привлекувањето внимание на фактот дека се работи за нешто што досега не сте имале можност да го видите е всушност вистина. Се прашувате дали ова е табла за цртање или, всушност, дали воопшто станува збор за мобилен преносен уред поради неговите вонсериски димензии?
И покрај тоа што е огромен, овој Samsung таблет е прилично цврст, а целото тело е всушност екран од едната страна, и метал од другата страна. И покрај тенкиот профил, уредот е совршено хомоген така што нема никаков несакани ефекти од свиткување или слабост на конструкцијата во вид на крцкање и „луфта“ на надворешните рабови.
Екран
Екранот е приказна сам по себе, вистински „брутус“ меѓу таблет уредите, бидејќи дури и iPad Pro изгледа како детенце од пониска класа. Станува збор за 14,6-инчи (37 сантиметри) во дијагонала со навистина тенки странични рабови и голем ламиниран стаклен филтер под кој се наоѓа суштината на Super AMOLED технологијата на Samsung. Екранот во формат 16:10 прикажува резолуција од 2960×1848 пиксели. Максималното осветлување е во опсег од 630-850 нита, како што измеривме на HDR Brightess тестот, каде што се мери интензитетот на осветлување во зависност од процентот на осветлени пиксели. Боите на Vivid профилот се видно изразени и едноставно фантастични, а со необичното осветлување и контраст, овој Galaxy Tab S8 Ultra маѓепсува со квалитетот на сликата што ја прикажува. Брзината на освежување на дисплејот изнесува 120 Hz, па покрај фантастичниот приказ на статичните кадри – анимации, филмови, игри и преминот од апликација во апликација, тие работат совршено флуидно и течно.
На централниот дел на горната, подолга лента на екранот е сместен „засек“ со систем на двојни предни камери со резолуција од по 12 MP, главната задна камера има сензор од 13 + 6MP, функција за автофкус и задолжителниот блиц. Можат да снимаат во UltraHD 4K резолуција од 30 фрејма во секунда. Посебен впечаток остави системот на предната камера, кој едноставно е совршен за видео комуникација бидејќи дава видно пофлуидна снимка во споредба со другите слични модели.
Хардвер, звук, батерија и конекции
Покрај сликата, Galaxy Tab S8 Ultra има и одличен звук, за кој е задолжен систем од четири звучници поставени во пар, по краткиот раб на уредот. Единствениот проблем е ако гледате филм или играте додека го држите големиот уред, речиси сигурно ќе го преклопите долниот пар звучници со дланките, што секако влијае на сараунд ефектите. А тие се навистина одлични, посебно во игрите и акциските филмови.
Овој таблет работи со првата генерација на Snapdragon 8 процесорот со осум јадра и максимална фреквенција од речиси 3 GHz. Уредот има 8GB RAM меморија и 128GB простор за складирање податоци и инсталација на апликации. Можете да го проширите со microSD картичка од 1TB. Постојат и други, помоќни конфигурации како онаа со 12GB RAM и 256GB простор за складирање. Во принцип, оваа почетна конфигурација е доволна за брзо и одговорно работење на инсталираниот оперативен систем Android 12.
Под површината на екранот во делот кон позицијата на USB-C портот има читач за отпечатоци, а дополнителен сигурносен елемент е присуството на функцијата за препознавање на лицето.
Нашата верзија на Galaxy Tab S8 Ultra стигна со Wi-Fi 6E безжична мрежна конекција со 802.11ax и BT 5.2 спецификации, а вреди да се спомене дека постои и 5G LTE модел. Таблетот нема NFC, но ја има Wi-Fi Direct функцијата. За полнење и директна врска со компјутерот му служи еден USB-C 3.2 со Gen1 спецификации.
Вградената батерија има капацитет од 11200 mAh, која на нашиот тест за репродукција на содржини од YouTube достигна 12 часа и 16 минути автономно работење при активна безжична интернет врска. Потребно е подолго од вообичаеното за да се наполни батеријата до полн капацитет, а што зависи и од користениот AC адаптер. Со поновите полначи од 45-65W ќе бидат потребни еден час и 40 минути за оваа операција. Повторуваме дека таблетот не доаѓа со полнач, што секако е отежителна околност.
S-Pen
Од друга страна, добро е што во стандардното пакување стигнува S-Pen пенкалцето, кое е навистина корисно и забавно, па дури и неопходно, кога веќе не доаѓа футролата со тастатура. Чувството на користење на одлично. Додека пишувавме по површината на екранот, имавме чувство дека користиме графитно пенкалце со многу мал врв, кој се повлекува по хартијата со поголема гранулација. Поради тоа е многу прецизно при цртање или пишување. Покрај тоа, има многубројни функции, како Google Translate, ако се задржи врвот над зборот што сакате да го преведете, а пиувањето е толку олеснето што се зачудивме како убаво пишуваме, во стил на некој калиграф. На крајот, целиот напишан текст може да се конвертира во текстуален фајл и да се ископира во некој документ. Со еден збор, S-Pen е природен додаток на таблет уред. Се полни така што на предвидената зона на задната страна на уредот се лепи со магнетен механизам, баш како и на моделите од претходната генерација.
Штета што го немавме додатокот во вид на футрола со тастатура, бидејќи прво што ќе помислите кај вака нестандардно голем таблет, е дека би можел да послужи како замена за лаптоп компјутер. Меѓутоа, имајте на ум дека овој додаток чини околу 400 евра, што збирно дава 1600 евра, а ќе признаете дека за дотичната сума може да се набави Mac или Windows ultrabook со одлични спецификации.
Перформанси и гејминг
Мораме да го споменеме и гејминг искуството. Играњето е навистина одлично ако го имате на ум фактот на високата резолуција. Покрај Asphalt и класичните мобилни игри, не можевме да одолееме да се обидеме со некои наслови пренесени од компјутер, како што се познатите класици на Battle Royal: Fortnite и BattleGrounds. Чувството е изненадувачки добро, а покрај управувањето со командите на допир, можете да изберете да користите Xbox, PSP или обичен BT гејмпад. За оние кои играат на конзоли и компјутери, тоа е вистински спас, додека генерациите кои пораснаа на мобилните уреди, ги немаат овие проблеми – дури за неколку дена ја совладав техниката на командите на „допир“ во Fortnite. Иако перформансите се генерално добри – на моменти се чувствува како на графичкото јадро на Adreno 730 му недостасува здив. Анимацијата е одлична за мобилен уред, но во споредба со PC верзијата , секое движење не е флуидно и по малку „статичко“, посебно во одлучувачките ситуации на директен конфликт, а друг проблем се визуелно назабените рабови на објектите и ликовите. Ова е дефинитивно последица на големиот екран и високата резолуција. Сепак, тоа до одреден степен може да се реши со дополнително прилагодување на графичките детали и ограничувањата на FPS.
Финален впечаток
Се поставува прашање – за кого е наменет? Што да правите со толку голем таблет уред? За што тој навистина служи? Сигурни сум дека оние кои сакаат таблет како поудобна мобилна алтернатива на телефоните со поголем екран дефинитивно нема да го купат Galaxy Tab S8 Ultra – тој е премногу скап (препорачана цена од 69.990 денари) и преголем за да служи само за видео повици гледање филмови, иако во суштина е идеален за таа цел, поради светлиот екран и системот на камери што ги поседува. Наш заклучок е дека е наменет за креативци, уметници и оние кои умеат да цртаат. Фантастичниот екран и пенкалцето и начинот на кој сето тоа одлично функционира во пракса ја одредува специфичната намена на овој таблет. Може да биде идеален и за онлајн настава и стриминг часови – повторно во комбинација со пенкалцето и големиот екран. Значи, се се сведува на некој деловен аспект на користење што би ја исплатил инвестицијата.
Galaxy Tab S8 Ultra е како ниту еден друг уред во моментов, иако сум сигурен дека за повеќето од вас ова е класичен „overkill“ уред. Не можеме да се оттргнеме од впечатокот на одличниот екран, кој секогаш кога ќе го погледнам, неодоливо ме привлекува со потребата уште еднаш да го допрам и да погледнам во дисплејот. Од било која причина – небитно дали гледам филм, работам на документ или играм игра, придружено со одличниот звук со просторни ефекти. Дали заслужува толку висока цена? Па, тешко е да се каже од една едноставна причина – во моментов нема конкуренција и кога пружа нешто вонсериски, едноставно нема цена!
Предности