Иако Amazfit Bip 3 треба официјално да биде претставен следниот месец, паметниот часовник веќе се појави на Amazon Brazil. По тој повод беа откриени спецификациите и цената на часовникот, што значи дека нема да мора да чекаме на официјалната презентација за да ги дознаеме главните детали за овој часовник.
Amazon Brazil открива дека Amazfit Bip 3 има TFT HD екран со дијагонала од 1,69 инчи. Овој екран е сместен во правоаголно метално куќиште. Густината на пиксели на екранот е 237 ppi и има 2,5D заштита од калено стакло. Димензиите на часовникот изнесуваат 44,2 мм x 36,6 мм x 7,6 мм.
Паметниот часовник има повеќе од 60 спортски режими и има вграден GPS и GLONASS за прецизно следење на маршрутите за пешачење, трчање или возење велосипед.

Amazfit Bip 3 поседува мноштво различни сензори за следење на здравјето, како што е PPG сензор за 24-часовно следење на отчукувањата на срцето и SpO2 сензорот за следење на нивото на кислород во крвта. Часовникот нуди и многу други функции кои се ориентирани кон здравјето на корисникот, како што се следење на стресот, спиењето, женскиот циклус итн.
Паметниот часовник има повеќе од 50 скинови за почетниот екран, од кои два се прилагодливи, а постои и опција за избор на фотографија што ќе се претвори во скин на почетниот екран.
За автономијата на Amazfit Bip се грижи батеријата од 280 mAh и наводно ќе обезбеди до две недели автономија со нормална употреба. Часовникот може да се пофали и со 5ATM поддршка.
Меѓу другите функционалности, Amazfit Bip 3 нуди вообичаени работи како известување за повици, контрола на медиумите, контрола на камерата, известувања итн.
Часовникот е достапен во црна, розова и сина боја, а цената на Amazfit Bip 3 изнесува околу 58 долари.


