Годинашната Apple конференцијата за програмери – WWDC беше отворена со традиционалната Keynote презентација, на која беа прикажани новите верзии на оперативните системи за iPhone, iPad, Apple Watch и Mac, како и два нови лаптопи.
Преминот на Mac компјутерите кон сопствените процесори на Apple е речиси финализиран, па компанијата одлучи да започне со нова генерација чипови. По М1 серијата чипови, сега е претставен и нивниот логичен наследник M2. Фокусот во оваа генерација процесори е ставен на енергетската ефикасност, заедно со зголемените перформанси. Бројот на транзистори изнесува 20 милијарди, 25 проценти повеќе отколку кај M1, со 50% поголема пропусност на податоци. Зголемена е и внатрешната меморија (од 16 на 24 GB RAM), а дополнително се зајакнати јадрата (кои ги има исто толку). Системот сè уште се потпира на технологија од пет нанометри. Новиот графички процесор испорачува 10 наместо 8 јадра, зголемувајќи ги перформансите на графичкиот систем на новиот M2 чип, посебно кога се гледа во споредба со потрошувачката на енергија.
Првиот компјутер што ќе го добие овој чип е MacBook Air, најпопуларниот лаптоп во понудата на Apple. Сега е целосно редизајниран околу чипот M2, доаѓа во четири бои (новите Midnight и Starlight, Space Grey и Silver) и во ново куќиште. Тенките рамки околу екранот и рамните рабови на овој уред малку потсетуваат на најновите генерации на iPhone, како и на новите MacBook Pro модели. Се врати и MagSafe приклучокот за полнење а има и 3,5 мм аудио приклучок.
Уредот доаѓа во куќиште дебело нешто повеќе од 11 милиметри, донесува 13,6-инчен Liquid Retina дисплеј со засек (notch), подобра предна камера со 1080p резолуција, четири интегрирани звучници и тастатура со функционални копчиња со целосна големина и TouchID читач за отпечатоци. Нема вентилатори во внатрешноста на алуминиумското куќиште, а Apple ја проценува автономијата на батеријата на 18 часа (при гледање видеа).
macOS Ventura
Името на новата верзија на десктоп оперативниот систем на Apple ќе биде Ventura. За корисниците полесно да се снаоѓаат во бројните прозорци, функцијата Stage Manager ќе овозможи да се поместуваат секундарните прозорци настрана, додека главниот ќе биде означен во средината на екранот. Истата функција ќе овозможи и групирање на прозорците кои често се користат заедно. Новитет има и кај пребарувачот Spotlight, кој е проширен со преглед на резултатот со еден допир, веб-пребарување и детално прикажување на резултатите од пребарувањето.
Апликацијата Mail ќе даде можност за повлекување на испратените мејл пораки, нивно испраќање според зададен распоред, како и напредно пребарување со паметни препораки. Safari ќе биде дополнително забрзан, тврдат од Apple, а ќе има и вградена заштита од хакирање на лозинките – Passkeys, овозможена со биометриска заштита и FIDO стандарди за користење на веб без лозинки. macOS Ventura го донесува и Metal 3, графичко опкружување за креирање помоќни и детални сцени во игрите.
iPhone ќе може да се користи и како веб-камера на Mac, што ќе донесе опции како фокусирање на личноста што зборува (Center Stage), но и опции за снимање во рамките на видео повицит,е кои досега беа резервирани само за корисниците на iPhone. Секако, Apple со задоволство ќе ви продаде специјални држачи за да го „закачите“ iPhone на MacBook, додека iPhone, покрај корисникот ќе може да ја снима и површината на неговото биро.