Државите-членки на Европската унија денеска постигнаа договор за воведување единствен полнач за паметни телефони, таблет уреди и камери, на кој производителите на уреди ќе треба да се прилагодат до 2024 година.
Планот кој беше претставен минатата година беше одобрен денеска и според проценките на Европската комисија, на потрошувачите ќе им заштеди околу 250 милиони долари годишно.
„Производителите на смартфони и таблет уреди ќе мора да ги почитуваат овие правила до есента 2024 година. Производителите на лаптопи ќе имаат повеќе време за промена, поточно 40 месеци откако новите правила ќе стапат на сила“, пишува Bloomberg.
Еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон рече дека европските потрошувачи ќе можат да користат еден полнач за сите преносни електронски уреди
„Европските потрошувачи ќе можат да користат еден полнач за целата нивна пренослива електроника, што е важен чекор за зголемување на удобноста и намалување на отпадот“, рече Бретон.
Со овој план што го усвои Европската комисија, компаниите како Apple ќе бидат принудени да ги приспособат своите уреди на т.н. USB-C конектори најчесто користени од уредите со Android.
Преговарачот на Европскиот парламент Алекс Салиба рече дека Европската комисија во иднина ќе постави и стандарди за безжично полнење.
„Европската унија не сака да биде во ситуација во која ќе донесува закони за пазар кој во основа изумира“, рече Салиба.