Втората генерација на галерискитевтенки екрани претставува чекор напред во технологијата која полека станува стандард, а не исклучок.
Популарноста на OLED технолопгијата обратно пропорционално се зголемува со цената на уредите кои, и покрај инфлацијата, продолжуваат да стануваат подостапни од генерација на генерација. Новата OLED серија телевизори од корејскиот производител во маркетинг материјали на некои модели ја истакнува ознаката „OLED Evo“. Ова не е целосно нова технологија, туку само најнова итерација на OLED панели кои треба да нудат идентични или подобри перформанси, но по пониска цена од претходната генерација.
LG оваа година понуди неколку различни модели на OLED телевизори во различни формати и цени, но во новата серија најмногу не заинтригира моделот G2. Овој модел доаѓа во дијагонали од 55, 65 и 75 инчи, но, без разлика на квадратурата на фасадата на екранот, најатрактивниот детал од сите три изведби е минималистичкиот дизајн.
Станува збор за таканаречениот Gallery модел, кој се карактеризира со многу тенка рамка и профил, кои овозможуваат да се монтира на ѕид како слика. Телевизорот доаѓа со тенка рамка за монтирање на ѕид, но и држач за класична монтажа (само за моделите од 55“ и 65“).
Моделот G2 е посебен по тоа што нуди триесет проценти поголема осветленост од OLED моделите на LG од претходната генерација, благодарение на вграденото пасивно ладење на панелот, кое не постои во исклучително популарниот модел C2. Ова е очигледна намера на LG да не заостанува зад новите QD-OLED панели на Samsung во однос на осветленоста на екранот.
G2 моделот освои награда за иновација на CES претходно оваа година, а во погледот на останатите спецификации на екранот открива зошто 4K резолуцијата и поддршката за HDR се веќе стандардни карактеристики на телевизорот во истиот опсег на цени, но широкиот распон на бои и подобрената осветленост дури и во споредба со многу пофалениот претходен модел значи дополнителен чекор кон квалитетот на сликата. Поддршката за Dolby Atmos и Dolby Vision значи дека телевизорот ќе може да користи напредни трикови за дополнително да создаде кинематографско искуство со звук и слика за содржината што ги користи овие стандарди. Овој модел би требало да биде многу погоден и за играње, бидејќи при 4K резолуција и брзина на освежување од 120 Hz поддржува Nvidia G-Sync и AMD FreeSync технологии, кои спречуваат „кинење“ на сликата. Има и посебен режим за игри, кој ја зголемува респонсивноста на сликата на сигналите што доаѓаат од конзолата или поврзаниот компјутер.