Популарната стриминг услуга Netflix започна со тестирање на новите правила за делење лозинки во Перу, Чиле и Костарика, а судејќи по првите извештаи, дошло до прилично голема збрка.
Како што пишува порталот The Verge, поголемиот дел од корисниците во Перу не биле известени за дополнителната наплата за услугата, а имплементацијата на новата политика се разликувала од корисник до корисник. Некои, како што откриле, ги игнорирале упатствата за проверка на точноста на сметката и продолжиле да ја користат како и досега, додека на другите не им стигнало никакво известување.
Збунувачка е и дефиницијата на Netflix за поимот домаќинство.
„Откако започнавме со најава на овие промени пред 18 месеци, јасно комунициравме дека домаќинство се однесува на лица кои живеат на иста локација“, велат од „Netflix“, додавајќи дека се задоволни со досегашното спроведување на дополнителната наплата.
За членовите на семејствата кои не живеат заедно се наплаќа околу дополнителни 2 долари во наведените земји.
За потсетување, Netflix се бори со намалувањето на бројот на претплатници. Во април оваа платформа изненади со информацијата дека во првото тримесечје од 2022 година изгубила 200.000 претплатници и предупреди дека би можела да остане без уште 2 милиони во следното тримесечје.
По ваквата вест, акциите на Netflix паднаа за 35 отсто за еден ден.

