Експериментот со опцијата Sets во Windows 10 не успеа пред неколку години, но во Microsoft се уште сметаат дека е добра идеја да се воведат табови во File Explorer, само тоа треба подобро да биде изведено.
Нова недела, нова експериментална можност која Microsoft ја пушта во тестирање како дел од Windows 11 Insider. Во верзијата Preview Build 25136, која им е веќе достапна на инсајдерите за надградба, ќе се појават табови во File Explorer менаџерот со фајлови.
Слична функција компанијата веќе тестираше во Windows 10. Опцијата наречена Sets, тогаш беше планирано да се воведе не само во File Explorer туку и во други апликации како Mail, Calendar, Notepad или Command Prompt. Сепак, сетовите на крај не заживеаја,беа напуштени во Windows 10, за потоа да бидат вратени на Windows 11 во подобрена и малку поинаква форма.

Повеќе табови во еден прозорец
Овој пат планот е да се воведат табови само во File Explorer. Ова значи дека наместо да отвораат повеќе прозорци на овој менаџер на фајлови, корисниците ќе можат да отвораат повеќе табови во истиот прозорец и да се движат низ своите фолдери на дискот или во облак.
Дополнително, редизајнот се тестира и во левиот, навигациски дел од овој прозорец, каде што фокусот ќе биде само на оние фолдери кои корисникот навистина сака да ги има таму. Дополнително, повеќе ќе биде истакне разликата помеѓу локалните и cloud фолдерите од OneDrive. Секако, оваа експериментална опција можете да ја испробате и самите со тоа што ќе се приклучите на програмата Insider.


