Холандската компанија Lightyear го претстави, како што тврди, првиот соларен автомобил во светот подготвен за производство.
Моделот Lightyear 0 е семеен седан со вградени соларни панели од 5 квадратни метри, кој може да генерира доволно енергија за до 70 километри возење без ден.
Холандската компанија со 500 вработени потпиша договор со повеќе од 100 снабдувачи и има намера да започне со производство на овој електричен автомобил на соларна енергија. Покрај соларни панели, овој електричен седан има и батерии кои овозможуваат автономија до 560 km при возење на автопат, со брзина од 110 km/h, дури и без сонце.
Се работи за прилично импресивна бројка; за време на WLTP тестирањето, Lightyear 0 имаше вкупен опсег од 625 km, што е речиси 4 проценти повеќе од Tesla Model 3 Long Range AWD. Компанијата наведува дека го развила најефикасниот електричен погон досега и дека овој податок за автономија се однесува на батерија од 60 kWh. За споредба, Model 3 Long Range AWD има батерија од 82 kWh.
Дури и ако стандардот за мерење WLTP е премногу оптимист за реалните услови на возење, Lightyear сепак добива поголема автономија со значително помала батерија од Tesla, користејќи само 10,5 kWh на 100 km при 110 km/h на автопат.
Овој резултат беше делумно постигнат благодарение на помалиот отпор на воздухот. Холандскиот производител наведува дека коефициентот на отпор на воздухот е 0,19, што го прави Lightyear 0 најаеродинамичниот семеен автомобил некогаш направен.
Одличната автономија е резултат и на специјално развиените пневматици Bridgestone дизајнирани да го намалат отпорот при тркалање. Но, дел од тоа доаѓа и од намерното фокусирање на ефикасноста на сметка на перформансите. Имено, на автомобилот му требаат цели 10 секунди за да забрза од 0-100 km/h, а достигнува максимална брзина од „само“ 160 km/h.
За споредба, Tesla отсекогаш се трудела да ги импресионира клиентите со извонредно забрзување, па моделот 3 Long Range AWD достигнува 100 за четири секунди и развива максимална брзина од 233 km/h.