По најавата во јануари годинава, познатата стриминг услуга Disney+ официјално стана достапна и во Македонија. Корисниците можат да се претплатат на сервисот и да ја гледаат содржината на повеќе уреди, а достапни се и профили, поради што може да се користи од повеќе корисници.
Цената по која е достапен Disney+ изнесува 7,99 евра месечно или 79,90 евра доколку се плати однапред цела година, со што се добива попуст од два месеци. Претплатниците преку веб, паметен телевизор или мобилен уред ќе добијат пристап до над 500 филмови, 15.000 епизоди од серии и над 80 оригинали кои се достапни исклучиво на Disney+. Тука спаѓаат новите Star Wars и Marvel серии: The Falcon and The Winter Soldier, The Mandalorian, Obi – Wan Kenobi, Ms. Marvel… Квалитетот на сликата зависи од содржината, а платформата нуди: FullHD, 4K UltraHD, HDR10, Dolby Vision и IMAX Enhanced. Сепак, за разлика од Netflix и некои други сервиси, Disney+ не нуди пробен (trial) период.
На Disney+ можете да се претплатите преку нивната веб-страница на овој линк.
Disney+ почна да работи во САД, Канада и Холандија во ноември 2019 и е директна конкуренција на „Нетфликс“. Поради намалениот број претплатници во Северна Америка, компанијата се посвети на светска експанзија. Во понудата на Disney+ се филмови и серии кои ги снимаат „Дизни“, „Пиксар“, „Марвел“, „Војна на ѕвездите“ и „Нешнал џиографик“, а дополнително компанијата вложува стотици милиони долари во снимање оригинални филмови и серии.