Adobe планира да воведе Lite верзија на својата популарна алатка за уредување фотографии Photoshop, која ќе биде достапна само за веб, известува The Verge.
Компанијата во моментов тестира нова freemium верзија со корисниците во Канада, но на крајот ќе ја направи достапна за пошироката публика. Засега, секој во Канада кој ќе отвора сметка на Adobe може да пристапи до бесплатната верзија на Photoshop само за веб-прелистувач.
Photoshop долго време е индустриски стандард за уредување фотографии, но неговата месечна претплата веројатно ги одвраќа повеќето корисници да го употребуваат. Во меѓувреме, бесплатниот или fremium софтверот за уредување фотографии како што се Pixlr, Canva и Photopea ги привлече повремените корисници и исто така стана пософистициран во својата понуда.
Како што забележува The Verge, Adobe ги прави своите основни алатки за уредување фотографии достапни бесплатно за да ги врати корисниците кои не припаѓаат на вообичаената публика на компанијата. Adobe се надева дека некои корисници на freemium Photoshop ќе станат претплатници, посебно затоа што компанијата планира да понуди понапредни функции во веб-верзијата, која може да се отклучи само со претплата.
Adobe ја лансираше својата веб-верзија на Photoshop и Illustrator за претплатниците минатата есен, иако нивната функционалност беше ограничена на основно уредување и споделување коментари меѓу соработниците на проектот.
Оваа нова, бесплатна веб-верзија на Photoshop значително ги проширува достапните алатки и им овозможува на корисниците да започнат нови проекти, како и пристап до понапредни алатки за корекција и уредување на боите.