Samsung ја претстави својата апликација Wallet, која покрај опциите за плаќање комбинира и многу други корисни функционалности. Порано постоеше Samsung Pay што дозволуваше лесно да се користи смартфонот како платежно средство. Кој има потреба од готовина и картички кога има паметен телефон, нели?
Wallet е создаден со спојување на апликациите Samsung Pay и Samsung Pass, кои одделно донесоа голем број слични функции што сега ги нуди Samsung Wallet. Како што наведува компанијата, целта на овој потег е да се обединат сите потребни функционалности под еден покрив, со цел да се олесни користењето во различни ситуации.
Што содржи Samsung Wallet?
Samsung Wallet е апликација која на корисниците на паметни телефони на оваа компанија треба да им обезбеди сеопфатно решение кое комбинира неколку различни категории на лични документи. Деталната листа на сè што можете да складирате во апликацијата Samsung Wallet е следна:
- Различни платежни картички
- Картички за членство и лојалност
- Лозинки
- Дигитални клучеви (за куќа и автомобил)
- Korean Air boarding билети
- Податоци за дигитална идентификација (поддршката доаѓа подоцна оваа година)
- Следете ги вашите криптовалути преку Samsung Blockchain Wallet
Меѓутоа, како што наведува компанијата Samsung, достапноста на овие функции зависи од регионот во кој се наоѓате, па некои од овие можности можеби нема да ви бидат достапни.
Достапност
Првично, Samsung Wallet ќе биде достапен во Франција, Германија, Италија, Шпанија, Обединетото Кралство и САД. Уредите на кои е достапна оваа апликација мора да имаат оперативен систем Android 9 Pie или понов.
Ако сакате да го активирате и инсталирате Samsung Wallet, се што треба да направите е да ја отворите апликацијата Pay или Pass и да ги следите упатствата. Засега нема информации кога Samsung Wallet ќе пристигне во Македонија, но се надеваме дека тоа ќе се случи наскоро.