Instagram тестира нова верзија на фидот на цел екран, што ќе овозможи скролањето низ објавите да изгледа и да делува како на TikTok.
Марк Цукерберг на својот Instagram Story објави приказ на тестот на споменатата функција, нагласувајќи дека новиот изглед наскоро ќе биде достапен за одредени корисници.
Апликацијата почна со тестирање на фидот на цел екран минатиот месец, иако како дел од тоа тестирање, објавите не го окупираа целиот екран на апликацијата. Со најновата верзија, објавена од Цукерберг, објавите се шират до врвот на екранот, како што е на TikTok.
Новиот дизајн го менува и изгледот на кратенките за пристап до сандачето и креирањето нови објави. Иако се работи за експеримент, новиот изглед е во согласност со целта на Meta да го направи Instagram платформа која е во конкуренција на TikTok.
На Instagram, компанијата се движи во насока на уфрлање повеќе Reel видеа и препорачани содржини во фидот на корисникот, како и да се посвети поголемо внимание на видеото отколку на статичните слики.
„Фотографиите сè уште се важен дел од Instagram и работиме на подобрување на начинот на кој тие се појавуваат во фидот на цел екран“, истакна Цукерберг.

