Двата нови телефони кои ќе го претстават брендот POCO се POCO F4 5G и POCO X4 GT. Кинескиот бренд сега потврди дека двата уреда ќе бидат претставени на ист ден – 23 јуни, 2022 година. Во пресрет на претставувањето, германскиот Winfuture.de објави рендери од смартфоните, а беа споделени и клучните спецификации.
POCO X4 GT
Winfuture објави дека овој телефон ќе го покренува Dimensity 8100 чип, поврзан со 8GB RAM и 256GB внатрешна меморија. Телефонот ќе доаѓа со Android 12 и сопствениот кориснички интерфејс на POCO.
Наводно, предниот дел ќе биде покриен со 6,6-инчен IPS LCD екран, Full HD+ резолуција и стапка на освежување од 120 Hz. Максималната осветленост на екранот ќе изнесува 650 нита.
Смартфонот ќе има предна камера од 20 MP, додека задната ќе има сензор од 64 MP, ултраширок објектив од 8 MP и макрокамера од 2 MP. Батеријата на телефонот наводно ќе има 5080 mAh, со поддршка за брзо полнење од 67 W. Овој телефон всушност ќе биде малку порафинирана верзија на телефонот Redmi Note 11T Pro 5G.
POCO F4 5G
Овој модел ќе го покренува Qualcomm Snapdragon 870 чипсет и ќе биде достапен во Европа во верзија со 8GB RAM и 256GB внатрешна меморија.
POCO F4 5G ќе има 6,6-инчен AMOLED екран, FHD+ резолуција, стапка на освежување од 120 Hz и максимална осветленост на екранот од 1300 нита. Екранот ќе биде заштитен со Gorilla Glass 5 заштита.
POCO F4 5G ќе има три камери одзади – главен сензор од 64MP, ултраширок сензор од 8 MP и макро сензор од 2 MP, додека предната камера ќе има резолуција од 20 MP.
За автономијата на телефонот ќе биде задолжена батерија од 4500 mAh со поддршка за брзо полнење од 67 W.
Станува збор за ребрендираниот телефон Redmi K40S, кој е исклучително интересен, па овој уред секако ќе биде добро да се види на светскиот пазар.