Сателитската интернет-услуга на SpaceX наречена Starlink сега е достапна во Македонија, соопштија од компанијата на Eлон Маск на социјалната мрежа Twitter.
Доколку сакате да го користите сателитскиот интернет, ќе треба да платите 39.700 денари за хардверот, односно сателитската чинија и рутерот, додека доставата и монтажата чинат 3.650 денари. Месечната претплата, според податоците наведени на веб-страницата на Starlink, Македонците ќе ги чини 6.570 денари месечно.
За поврзување на Starlink се користи опрема целосно обезбедена од компанијата, односно се добива сателитска антена, рутер и сите потребни работи за да се овозможи сервисот. За разлика од другите сателитски интернет пристапи, Starlink функционира целосно независно, односно не е потребна дополнителна конекција. Исто така, брзините на пристап се доста големи, може да се споредат со оптичкиот интернет, а има и мала латенција.
Starlink is now live in North Macedonia! Excited to further access to high-speed, low-latency broadband internet in the Balkans → https://t.co/5suNxFMwGH
— SpaceX (@SpaceX) June 16, 2022
Досега, сателитскиот интернет е достапен во 48 земји во САД и 36 земји низ светот, а целта на компанијата SpaceX е Starlink услугатa да стане глобално достапна. До крајот на годината и почетокот на следната година, Starlink треба да стане достапен и во другите земјите од Западен Балкан, односно во Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Американските медиуми веќе некое време пишуваат дека месечната претплата е превисока за интернет-конекција, особено за конекција што не е ни приближно брза како оптичката конекција, но Маск смета дека инвестицијата вреди за луѓе што досега живееле без пристап до брз интернет.