По многу научно-фантастични романи и филмови кои прикажуваат механички суштества кои целосно наликуваат на луѓе, идејата за вакви типови роботи нè фасцинира и плаши со децении.
Сега, благодарение на напредокот во науката, ние сме поблиску од кога било до тоа роботите да изгледаат како луѓе. Имено, експертите развиле кожа за механички тела од човечки клетки. Иако изгледа малку лигаво, таквата кожа е водоотпорна, може да заздрави и има текстура како нашата.
„Мислам дека живата кожа е совршено решение за да им се даде на роботите изглед и чувство на живи суштества, бидејќи тоа е токму истиот материјал што ги покрива нашите тела“, рече инженерот Шоџи Такеучи од Универзитетот во Токио.
Експертите успешно обложиле функционален роботски прст со три зглобови со прототип на кожа израснат во лабораторија.
„Прстот изгледа влажно бидејќи доаѓа директно од медиумот за култура. Бидејќи се напојува со електричен мотор, интересно е да се слушнат механички звуци во прстот.
Научниците претходно се обиделе да стават вистинска кожа на роботи, но наишле на проблеми. Затоа, јапонските експерти пробале друг пристап – создавање на кожа која сама се формира на уредот.
„Тешко е да се исече, залепи или шие еквивалентна кожа без да се оштети мекото, кревко ткиво. Наместо тоа, ја натопивме роботската структура во раствор од колаген и дермални фибробластни клетки, најчестите клетки на сврзното ткиво на кожата.“ објаснуваат научниците од студијата.
Тие потоа го обложиле овој основен слој со епидермални клетки, главна компонента на нашиот надворешен слој на кожата. Без овој дополнителен слој, ткивото не би било водоотпорно.
Иако овој малку лигав материјал можел да издржи постојано истегнување и контракција на роботските движења на прстите, сепак е многу послаб од човечката кожа. Научниците веруваат дека можат да го поправат ова со зголемување на концентрацијата на колаген во почетниот раствор и продолжување на созревањето на клетките.
Интересно е што оваа вештачка кожа може да се излечи и со колагенски завој, кој клетките го земаат и го интегрираат во нивниот систем за да ја поправат штетата.
Иако ова се неверојатни резултати, ткивото растено во лабораторија е сè уште многу ограничено. Не може долго да преживее надвор од хранливиот раствор бидејќи, исто како и нашата кожа, бара постојано снабдување со вода за да не се исуши.
„Во идните истражувања, треба да поставиме канали внатре и под дермисот кои имитираат крвни садови за снабдување на ткивото со вода, како и интегрирање на потните жлезди во еквивалентот на кожата“, напишале истражувачите, предлагајќи додавање на „нерви“ и сензори за оваа вештачка кожа да има повеќе функции, исто како нашата.
„Изненадени сме од тоа колку добро ткивото се прилагодило на површината на роботот. Но, ова истражување е само првиот чекор кон создавање роботи кои се целосно покриени со жива кожа“, рече Такеучи.
Студијата наречена Living skin on a robot е објавена во магазинот Matter.