Иако Microsoft во својата понуда го вклучи и поскапиот „Elite“ Xbox контролер, Sony досега се држеше до своите стандардни гејминг контролери. Сепак, тоа наскоро ќе се промени.
Според извештаите објавени оваа недела, Sony работи на Pro контролер. DualSense kонтролерот , кој пристигнува со PlayStation 5, веќе е голема надградба во однос на DualShock 4.
PS5 контролерот имплементира прекинувачи кои нудат отпор, како и други подобрувања на тактилниот одговор. Сепак, сè уште има некои карактеристики што може да бидат подобрени.
Според наводите, Sony работи на нов DualSense Pro контролер, кој треба да додаде заменливи копчиња за палците, „trigger stops”, заменливи рачки и дополнителни копчиња на задниот дел од контролерот.
Многу од овие функции се веќе карактеристики што ја красат Xbox Elite серијата контролери, а може да се најдат и на контролерите од некои други производители.
Новите DualSense Pro контролери се очекува да бидат претставени кон крајот на овој месец, а во продажба би требало да се најдат набрзо по официјалната објава.