Човештвото се соочува со кризи, коишто не познаваат граници, а брзината со којашто ќе ги надмине светот зависи само од хуманоста на поединецот, но и од обединетоста на колективната желба за помош.
Утринава, (20.06.2022), во Скопје се оддржа симболична велосипедска тура, преку којашто беше одбележан „Светскиот ден на бегалците“.
Хуман гест за пример во склоп на денешниот настан, направи компанијата „Агротехна“, којашто со донација од 8 МАХ велосипеди измами насмевки на присутните бегалци и баратели на азил, кои воедно беа дел од велосипедската тура. На движечката понеделничка прошетка низ велосипедските патеки, се придружи и Јован Андоновски, заменик Народен правобранител и иницијатор на хуманитарниот гест, кој возеше заедно со претставничката на УНХЦР во државата, Моника Сандри, која ја предводеше турата.
Велосипедската тура започна од неколку стартни точки, од кои една пред објектот на „ОБСЕ“, а финишираше на крајната цел во Централ Парк во Градскиот Парк во Скопје.
„Поздрав до сите, до меѓународните организации, невладините организации и сите оние коишто се вклучени во денешниот настан, во име на институцијата „Народен Правобранител“ и во мое лично име да ви се заблагодарам за учеството на овој настан. Денеска го одбележуваме 20 Јуни, „Меѓународниот ден на бегалците“. Неодамна бев лично во Украина, во Киев, ги посетив и некои од најпогодените места од немилиот напад и навистина никој не ги напуштил своите домови доброволно, односно биле принудени да ги напуштат. Станува збор за потресна приказна којашто најдобро би било доколку самите оние што се бегалци и баратели на азил ви ја раскажат. Меѓутоа, тоа што ме радува е тоа што ние како држава и институции сме подготвени да направиме сè што е во наша можност да им овозможиме услови да живеат спокоен и пристоен живот овде кај нас. Да се заблагодарам и на компанијата „Агротехна“ којашто на наше барање овозможи донација на велосипеди, донација којашто ќе биде доделена на бегалците од Украина и од други држави кај нас. Тоа е една скромна да кажам помош, меѓутоа се надевам дека ќе им биде од значење за да можат поубаво да се чувствуваат во државата. Ви благодарам на сите и се надевам дека ова ќе биде една почетна иницијатива којашто ќе продолжи да се развива и во иднина.“ изјави иницијаторот на денешната хуманитарната акција, Јован Андоновски, кој на своја лична иницијатива е посветен на хуманитарните гестови во општеството.
Со оваа донација, „Агротехна“ е симбол за вистинска солидарност и со истото се упатува јасна порака до деловната заедница дека токму во заедништвото и желбата искрено да се помогне е решението кон создавање подобро утро за сите, поготово на луѓето, кои не знаат што ги очекува во денот што следи. Хуманите гестови на компанијата „Агротехна“ ќе продолжат и во иднина, со цел да им понудат помош на сите лица, на кои им се променил животот за 360 степени, поради деструктивната моќ на војните и воените конфликти низ светот.
Денешната велосипедска тура е во организација на голем број организации и институции, и тоа: Агенцијата за бегалци при ОН, УНХЦР, Министерството за труд и социјална политика, Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ), Меѓународната организација за миграции ИОМ, Народниот правобранител, Црвениот крст на град Скопје, Македонското здружение на млади правници, Младинскиот образовен форум и Центарот за право на бегалци и миграција при Правниот факултет Јустинијан Први – Скопје.