Меѓународната вселенска станица повторно мораше да изврши маневри за да избегне орбитален вселенски отпад кој потекнува од неодамнешно тестирање на руско антисателитско оружје.
Маневрирањето е извршено во четвртокот за да се избегнат остатоци од уништениот сателит Космос 1408. Руската вселенска агенција Роскосмос го употреби товарниот вселенски брод Прогрес 81 кој е споен со Станицата за да ја помести целата орбитална лабораторија. Роскосмос објави снимка од маневарот на социјалните мрежи.
Шефот на Роскосмос, Дмитриј Рогозин во март изјави дека Станицата може да пропадне поради санкциите од Западот. Во врска со најновиот случај, Рогозин соопшти дека е објавен непланиран маневар за да се спречи опасно доближување од фрагменти.
Од друга страна, американската вселенска агенција NASA објави дека маневарот бил превентивна мерка.
„Екипажот не беше во опасност ниту маневарот имаше влијание на операцијата на Станицата. И без маневарот се предвидуваше дека фрагментите ќе минат покрај Станицата на оддалеченост помала од километар“, стои во соопштението.
Но, вселенскиот отпад е проблем кој расте бидејќи количината се зголемува со забрзано темпо по лансирањата на компанијата SpaceX за потребите на Starlink мрежата.
Кога Космос 1408 бил уништен на 15 ноември 2021 година, се создале околу 1.500 парчиња вселенски отпад.