Xiaomi кон крајот на минатата година претстави три флегшип телефони – Xiaomi 12, Xiaomi 12 Pro и Xiaomi 12X, кој е нешто послаб од првите два модела. Но, тоа нема да биде крајот на водечките телефони од компанијата за оваа година. Имено, Xiaomi наводно се подготвува за голема презентација на која ќе дебитираат уште четири врвни смартфони.
Кинеската компанија треба да го претстави најсилниот член од својата Xiaomi 12 серија – Xiaomi 12 Ultra, а покрај него и Xiaomi 12S флегшип серијата. Оваа серија ќе вклучува три модели – Xiaomi 12S, Xiaomi 12S Pro и Xiaomi 12S Pro Dimensity Edition. Се шпекулира дека овие модели би требало да бидат претставени следниот месец на голем настан што ќе се одржи во Кина.
Во исто време, познатиот дојавувач Digital Chat Station, на својот Weibo профил ја сподели информацијата дека овие четири претходно споменати телефони се официјално сертифицирани од кинескиот MIIT (Министерство за индустрија и информатичка технологија), што исто така сугерира дека телефоните би можеле наскоро да ја здогледаат светлината на денот, т.е. следниот месец.
За жал, овие сертификати не откриваат многу, освен дека ќе имаат поддршка за 5G, што секако е и очекувано. Сепак, она што подоцна го објави Digital Chat Station беше дека три од овие четири телефони ќе се напојуваат со најновиот чип Snapdragon 8+ Gen 1 на Qualcomm. Четвртиот, како што кажува неговото име, Xiaomi 12S Pro Dimensity Edition, ќе се испорачува со чип од тајванската компанија MediaTek и ќе биде Dimensity 9000. Дури постои и можност овој телефон да биде ребрендиран Redmi K50 Pro.
Она што е важно да се нагласи е дека сите четири смартфони би можеле да доаѓаат со Leica оптимизирани камери, што секако е прекрасна вест за потенцијалните купувачи на овие телефони.


