Шведскиот производител на телекомуникациска опрема Ericsson очекува глобалните претплати за мобилни услуги 5G да надминат 1 милијарда во 2022 година. Во прогнозата на компанијата се наведува дека растот ќе биде поддржан од побрзото ширење на новите комуникациски технологии во Кина и Северна Америка.
Слабеењето на глобалната економија и неизвесноста предизвикана од руската инвазија на Украина го намалија проектираниот број на претплатници на 5G во 2022-ра година за околу 100 милиони.
Ericsson, кој е конкурент на кинеската Huawei и финската Nokia е водечки снабдувач на мобилна опрема, вклучително и 5G.
Претплатите на услугите 5G се зголемија за 70 милиони во првиот квартал од оваа година на околу 620 милиони. Оние на 4G исто така се зголемија за 70 милиони на околу 4,9 милијарди ширум светот.
Мобилните мрежи од петтата генерација, позната како 5G, нудат многу повисоки брзини на пренос на податоци од претходната генерација, ветувајќи дека ќе ги поврзат уредите на начин што би можел да овозможи футуристички карактеристики како што е автономното возење.
Ericsson очекува 5G претплатниците во светот да бидат 4,4 милијарди до 2027-ма година.
Растот на корисниците на 4G се очекува да го достигне врвот во оваа година, а потоа да почне да опаѓа бидејќи повеќе претплатници почнуваат да мигрираат на 5G, според прогнозите на компанијата.
„Цените за 5G телефоните исто така паднаа во последниве години, а најевтиниот сега чини околу 120 долари. Ова исто така помогна да се зголеми усвојувањето на 5G. Кина додаде околу 270 милиони корисници во 2021-ва година во споредба со Северна Америка, која додаде 65 милиони, изјави извршниот директор на „Ericsson“, Питер Џонсон.


