Instagram почна да тестира нови начини за проверка на возраста на корисниците, а меѓу нив е и алатка со вештачка интелигенција дизајнирана од компанија од трета страна. Станува збор за програмата „Јоти“ (Yoti) од истоимената компанија, којашто проценува колку години има човекот со скенирање на неговото лице и неколку години се користи од други компании.
Официјално, Instagram може да го користат луѓе на возраст над 13 години, но компанијата со години не се обидува да го примени тоа правило. До 2019, корисниците не требаше да го внесат датумот на раѓање при регистрацијата, ниту пак, овој податок беше проверуван. Сепак, по притисокот од стручњаците за приватноста и безбедноста на децата, Инстаграм воведе повеќе проверки за возраста, како и методи за одвојување на помладите корисници од возрасните.
Во мигов, Instagram бара од корисниците да ја потврдат нивната возраст само кога тинејџерите се обидуваат да го изменат својот датум на раѓање за да се претстават како 18-годишни или постари. За да се провери возраста, корисниците треба да испратат фотографија од личната карта, а Американците од денеска ќе имаат две дополнителни опции – социјална гаранција и проценка со вештачка интелигенција.
Во случајот со првиот метод, Instagram ќе бара од тројца заеднички пријатели на корисникот да потврдат колку години има тој / таа, а и секој од нив мора да има над 18 години. Рокот за одговор на барањето на Instagram е три дена. Друг метод е да се испрати видео од себе до компанијата „Јоти“, која користи вештачка интелигенција и машинско учење за да ја процени возраста на луѓето.
Системот „Јоти“ може да се тестира и на интернет, а компанијата тврди дека не задржува никакви податоци за своја полза. Новата технологија има одобрение и од британските и германските дигитални регулатори.
