Еден од најголемите светски производители на полупроводници, Samsung Electronics ја претстави својата најнова иновација во областа на снимање фотографии и видео со мобилни телефони. Станува збор за втората генерација на сензори за камери кои се вградени во смартфоните, со резолуција од 200 мегапиксели, но овој пат во подобрена и намалена верзија.
За потенки смартфони
Новиот ISOCELL HP3 на Samsung е наследник на моделот HP1 претставен минатата година и се истакнува со најмалиот поединечен пиксел во индустријата, со димензии од само 0,56 μm. Ова резултираше со намалување од 12 проценти во однос на пикселите со големина од 0,64 µm, што се користат во моделот HP1. Намалувањето на големината на еден пиксел овозможи и производство на покомпактен сензор, така што димензиите на овој чип се 20% помали од оние на првата генерација.
Samsung „спакува“ 200 милиони од овие минијатурни пиксели во ISOCELL HP3 сензорот и сè се вклопува во оптичкиот формат 1/1.4“. За производителите на мобилни телефони, кои ќе го користат овој сензор, ова намалување ќе им овозможи смартфоните да им бидат покомпактни и потенки.
Автофокус на чип
Новиот сензор на Samsung доаѓа и со опцијата Super QPD за автофокус, односно фокусирање на сликата на ниво на пиксели. Има и специјален систем на леќи, кој покрива 4 соседни пиксели и може да детектира вертикални и хоризонтални фазни поместувања на светлината, што на крајот ќе овозможи и попрецизно и побрзо фокусирање кај камерите на мобилните телефони.
Кога станува збор за видеото, овој сензор овозможува снимање до 8K со 30 fps или 4K со 120 fps. Покрај гореспоменатата функција за автоматско фокусирање, треба да се погрижи снимките од телефонот да имаат филмски квалитет.
Симулирање на поголеми пиксели
Како и во првата генерација, во сензорот постои технологија која овозможува спојување на 4 или 16 соседни пиксели во еден виртуелен пиксел. Овој пат технологијата се нарекува Tetra2pixel и конвертира сензор од 200 мегапиксели со 0,56μm пиксели во сензор од 50 мегапиксели со 1,12μm (2×2) пиксели или сензор од 12,5 мегапиксели со 2,24μm (4×4) пиксели. Ова овозможува да симулирате поголеми пиксели кои можат да соберат повеќе светлина во потемни услови.
ISOCELL HP3 е опремен и со функција наречена Smart-ISO Pro, која му дава можност да снима три симултани фотографии, со ниска, средна и висока ISO чувствителност, за да се добие HDR фотографија со широк динамичен опсег. Снимањето се врши во 14-битна длабочина на бои (4 трилиони нијанси), што е 64 пати повеќе од неговиот претходник. Масовното производство на овој сензор ќе започне оваа година.