Тајванската компанија HTC денеска конечно го претстави новиот смартфон во својата понуда – HTC Desire 22 Pro. Со овој телефон од средната класа, HTC значително се фокусираше на виртуелната реалност.
Најпрвин, кога станува збор за VR, HTC Desire 22 Pro е компатибилен со екосистемот Viverse на HTC и HTC VR производите како што се Vive Flow слушалките итн. Компатибилноста со Viverse овозможува пристап до виртуелна содржина од Metaverse преку паметен телефон или поврзаните HTC VR слушалки. HTC Desire 22 Pro има и Viverse Wallet, кој ќе ви помогне да управувате со дигиталните средства, како што се криптовалутите и NFT, директно од мобилниот уред.
Телефонот поседува 6,6-инчен IPS LCD екран. Стапката на освежување на екранот изнесува 120 Hz. Во левиот агол на екранот има отвор за предната камера од 32 MP (f / 2.0). На задната страна, HTC Desire 22 Pro има три камери во комбинација – 64 MP f / 1,8 (главен сензор) + 13 MP f / 2,4 (ултра широк сензор) + 5 MP (сензор за длабочина).
Под куќиштето на уредот се наоѓа батерија од 4520 mAh со поддршка за брзо полнење од 18 W, безжично полнење од 15 W, како и реверзибилно полнење.
Меѓу останатите карактеристики, ќе споменеме дека смартфонот има страничен скенер за отпечатоци и IP67 сертификат за отпорност на вода и прашина.

Телефонот го покренува Qualcomm Snapdragon 695 чип, поврзан со 8GB RAM и 128GB простот за складирање, која може да се прошири со microSD картичка. Од кутијата, уредот се испорачува со Android 12 системот
Достапен е во златна и црна боја, а цената на HTC Desire 22 Pro во Европа изнесува 459 евра. Уште денеска е можно да се извршат преднарачки за овој смартфон во ЕУ, а првите купувачи ќе добијат и подароци.


