Падот на цената на криптовалутите ги обесхрабри и рударите и ги принуди оние со непрофитабилни системи да ги затворат погоните, па сега за оваа активност се троши 50 проценти помалку струја од минатиот месец.
Digiconomist, страница која ја следи потрошувачката на електрична енергија за рударење криптовалути низ целиот свет, ги освежи своите податоци и покажа каква „криза“ моментно доживуваат рударите на криптовалути. Како што е познато, имаше голема распродажба на биткоин, етериум и другите водечки криптовалути во последните неколку недели, а нивните цени се на многу ниски нивоа во споредба со она што беа пред само неколку месеци.
Значителниот пад на цените, посебно на биткоинот и етериумот, доведе до ситуација кога рударењето е сè помалку исплатливо, односно е профитабилно само за некои (во зависност од тоа каде рударат, колку им е скапа струјата и колку се ефикасни системите). Ова, пак, поттикна многумина да престанат со рударење, а обесхрабрените рудари и доведе до ситуација што е видлива на графиконите на Digiconomist – за само неколку недели, потрошувачката на енергија за рударење на биткоин и етериум драстично е намалена.
Има помалку активни рудари
Од врвот забележан на почетокот на јуни, кој беше над 200 TWh (гледано на годишно ниво), рударењето на биткоини во светот сега падна на ниво каде што троши „само“ околу 131 TWh годишно. Ова е сè уште е на ниво на цела Аргентина, но е за една третина помалку од пред само неколку недели.
Кај етереумот, падот на цената беше поголем отколку кај биткоинот, па така е поголем и падот на потрошувачката на електрична енергија. Со 94 TWh на својот врв, рударењето сега троши околу 46 TWh годишно, што е речиси половина помалку и е споредливо со годишната потрошувачка на електрична енергија во Катар или Португалија.
Холандскиот економист Алекс де Врис, кој ја води оваа статистика, објаснува како оние со „субоптимална“ опрема за рударење биле принудени да престанат да работат, бидејќи почнале да губат пари. „Кај опремата за рударење биткоини тоа е голем проблем, бидејќи овие машини обично не можат да се пренаменат за други цели. Кога се непрофитабилни, тие се целосно бескорисни. Можете да ги задржите во надеж дека цената ќе се опорави или да ги продадете во отпад“, вели де Врис.
Кај етереум, каде што рударењето најчесто се извршува со моќни графички карти, таквите картички можат да се продаваат на пазарот. Оваа криптокриза може да доведе до намалување на недостигот на картички и (конечно) пад на нивните цени, смета овој експерт.