Според бројките што ги објави Counterpoint Research, глобалната продажба на паметни телефони веќе втор месец бележи пад, а ситуацијата наводно ќе биде уште полоша.
Според најновиот извештај на Counterpoint Research, во мај глобално биле продадени 96 милиони паметни телефони. Оваа бројка претставува пад од 4 отсто во однос на април и пад од 10 отсто во однос на мај 2021 година.
Дополнително, треба да се напомене дека ова е втор пат во последните 10 години бројот на продадени смартфони во истиот период да падне под 100 милиони примероци. Тоа е и втор последователен глобален месечен пад, а според експертите овој тренд ќе продолжи и во наредните месеци.
И покрај силното закрепнување по почетниот бран на Ковид-19 во 2020 година, продажбата на паметни телефони сè уште не се врати на нивоата пред пандемијата. Проблемите со синџирите на снабдување донекаде се стабилизираат, но како што пренесува GSM Arena, зголемените нивоа на инфлација, забавувањето на производството во Кина и војната во Украина го земаат својот данок.
На пример, Counterpoint Research минатиот месец објави дека европскиот пазар на паметни телефони го доживеал својот најлош прв квартал од 2013 година. Од друга страна, корејските медиуми објавија дека Samsung има дури 50 милиони уреди во залихите на дистрибутерите, што докажува дека побарувачката е слаба.