Новинарот на Bloomberg, Марк Гурман во својот билтен Power On откри дека претстојниот Apple Watch Series 8 ќе биде опремен со сензор за телесна температура. Сепак, наместо да обезбедува точно отчитување, се чини дека паметниот часовник само ќе открива пораст на температурата и ќе го поттикне корисникот да користи вистински термометар.
Иако е веќе се испланирано, Гурман вели дека сензорот за температура на телото сè уште треба да го помине внатрешното тестирање. Ако ова навистина се случи, Apple ќе ја вгради функцијата во серијата 8 на Apple Watch, а претстојниот поиздржлив модел на паметен часовник, за кој се шпекулира долго време, наводно исто така ќе ја добие функцијата.
Гласините за сензорот за телесна температура во Apple Watch кружат веќе една година на социјалните мрежи. Згора на тоа, Гурман ја споменуваше функцијата за мерење на температура уште во јуни 2021 година, само за целосно да го напушти своето предвидување во јануари.
Меѓутоа, се чини дека сега ситуацијата е нешто поинаква. Во април, Гурман повторно ја „промени плочата“ и рече дека Apple Watch Series 8 ќе добие сензор за телесна температура, а оваа информација ја потврди и познатиот аналитичар на Apple, Минг-Чи Куо.
Како што пренесува The Verge, Гурман претходно наведе дека сензорот за телесна температура исто така ќе игра улога во следењето на плодните денови, што може да биде исклучително корисно за жените кои сакаат да забременат. Сепак, Гурман тоа воопшто не го спомена во најновиот извештај.