Популарниот стриминг сервис HBO Max неодамна официјално пристигна во Македонија, но сега доаѓаат не толку добри вести. Според информациите достапни на порталот Endgadget, оваа медиумска куќа ќе престане да развива оригинални програми во неколку европски региони. Трошоците се намалуваат, а секако ќе загубат гледачите кои плаќаат за услугите на оваа стриминг платформа.
Престанува снимањето на оригинална содржина
HBO е медиумска компанија позната по некои од најдобрите телевизиски серии на сите времиња, како што се The Sopranos, Game of Thrones, Succession, Chernobyl, True Detective, The Wire и многу други. Затоа не сме претерано среќни поради веста дека HBO ќе престане да снима оригинални телевизиски програми во некои европски земји. Се работи за следните земји:
- Данска
- Шведска
- Норвешка
- Финска
- Турција
- Холандија
- Австрија
- Чешка република
- Германија
- Унгарија
- Полска
- Словачка
- Словенија
- Швајцарија
Значи, скандинавските земји кои ни ги подарија телевизиските серии како Borgen, Wallander, The Investigation, Ragnarok и многу други се најпогодени со овој потег. Отсега на телевизија ќе има многу помалку темни, тешки, скандинавски ноар трилери, а тоа е навистина штета, бидејќи сме навикнати на квалитетни содржини од оваа медиумска куќа.
Која е причината?
Главната причина е заштеда на пари. По спојувањето со медиумската куќа Discovery,, Warner Bros, сопственик на HBO Max си постави цел: заштеда од 3 милијарди долари за европскиот пазар. А за да се постигне таа заштеда, очигледно нешто мора да се укине.
Според ПР агентот на новиот конгломерат Warner Bros. Discovery, „Додека продолжуваме да работиме на комбинирање на стриминг сервисот HBO Max и Discovery+, се наоѓаме во процес на проверка на моментната содржина. Како дел од тој процес, одлучивме да отстраниме одреден дел од содржината од HBO Max платформата во скандинавските земји и централна Европа. Дополнително, престанавме со развој на содржини во Холандија и Турција, што ги започнавме минатата година“. Единствените две земји кои не се засегнати од новите стратешки планови се Шпанија и Франција.
Сите содржини што се одобрени досега би требало да продолжат со снимање, но тоа би било последно од оригиналната содржина во овие делови на Европа. Исто така, постои можност дел од оригиналната содржина што моментно се снима да биде продадена на други мрежи за да бидат вратени трошоците за производство.