Samsung Galaxy Watch 4 е еден од најпопуларните модели на паметни часовници достапни на пазарот, а наскоро го очекуваме и новиот модел, на Galaxy Watch. Досега немаше поконкретни информации за овој мобилен уред, но вчера се појавија првите неофицијални фотографии кои укажуваат на дизајнот на претстојниот модел. Детали пренесува порталот 91Mobiles.
Што можеме да очекуваме
За почеток, да ве разочараме и веднаш да кажеме дека дизајнот на Samsung Galaxy Watch 5 е речиси идентичен со минатогодишниот модел. Доверливиот инсајдер Еван Блас претстави неколку 3D ротирачки рендери кои даваат одличен увид во изгледот на новиот паметен часовник на Samsung.
Тука е истиот кружен екран како и досега со две копчиња на десната страна, додека разликата е забележлива во дизајнот на самата нараквица, која сега делува малку подебела и со малку поинакво затворање. Според досегашните информации, овој паметен часовник ќе се појави во четири бои – сина, зелена, црна и сребрена. Сепак, најголемата промена ја оставивме за крај.
Отсуство на ротирачка рамка
Според фотографиите на Galaxy Watch 5 Pro моделот, оваа година нема да има ротирачка рамка околу екранот, слично на вистинските аналогни рачни часовници. Тоа беше една од карактеристиките што го одвојуваа водечкиот паметен часовник на Samsung од понудите на другите компании.
Што уште знаеме
Во овој момент познати се уште некои информации за претстојната серија на паметните часовници на Samsung:
- Дијаметар на екранот од 45 милиметри за Pro моделот, 44 милиметри за стандардниот модел, додека се очекува верзија со дијаметар на екранот од 40 милиметри, за која засега нема фотографии.
- Дисплеј заштитен со кристал од сафир.
- Отпорност на вода до притисок од 5 атмосфери (длабочина од 50 метри).
- GPS способности.
- Google wearOS 3.5 оперативниот систем со кориснички интерфејс One UI Watch 4.5.
Официјалното претставување на овој паметен часовник се очекува на 10 август годинава на Galaxy Unpacked настанот. Засега сè уште нема достапни информации за цената.