Фрагмент од вилица откриен минатиот месец во северна Шпанија би можело да биде најстариот фосил на човечки предок кој некогаш бил пронајден во Европа, изјавија вчера шпанските палеонтолози.
Научниците соопштија дека фосилот пронајден на 30 јуни на археолошки локалитет на планините Атапуерка во северна Шпанија е стар околу 1,4 милиони години. Досега, најстариот фосил на хоминид, исчезнат примат со човечки карактеристики, беше вилицата пронајдена на истото место во 2007 година, која се проценува дека е стара 1,2 милиони години.
Атапуерка содржи една од најбогатите збирки на предмети од човечката праисторија во Европа.
Истражувачите сега ќе треба да ја завршат првата проценка на староста на фрагментот на вилицата користејќи научни техники за датирање, изјави на прес-конференција палеоантропологот Хозе-Марија Бермудез де Кастро, еден од водачите на истражувачкиот проект Атапуерка.
„Логично е да се мисли дека е постар“
Но, бидејќи фрагментот од вилицата беше пронајден приближно два метри под слојот на почвата каде што вилицата беше пронајдена во 2007 година, „логично и рационално е да се мисли дека е постара“, додаде тој. Научното датирање на фрагментот од вилицата ќе го изврши Националниот центар за истражување на човечката еволуција во Бургос, град на приближно 10 километри од Атапуерка.
Постапката треба да трае меѓу шест и осум месеци, изјави Бермудез де Кастро. Анализата може да помогне да се открие на кој тип на хоминид му припаѓа фрагментот од вилицата и да помогне подобро да се разбере еволуцијата на човечките суштества на европскиот континент.
Научниците сè уште не успеале со сигурност да утврдат на кој вид му припаѓа вилицата откриена во 2007. Фосилот би можел да одговара на видот наречен homo antecessor, откриен во 90-тите.
Една од првите популации што ја колонизирале Европа
Фондацијата Атапуерка, која управува со локацијата, во соопштението рече дека е „многу веројатно“ дека фрагментот од вилицата „припаѓа на една од првите популации што ја колонизирале Европа“. Во 2000 година, археолошкиот локалитет Атапуерка беше вклучен во списокот на светско наследство на УНЕСКО, што му овозможи пристап до финансиски средства од Обединетите нации.
Содржи илјадници фосили од хоминиди и нивни алатки, вклучително и кремен стар 1,4 милиони години, пронајден во 2013 година.