Huawei Watch GT3 Pro моделот е одличен еволутивен чекор во семејството паметни часовници на компанијата Huawei, со премиум материјали и атрактивен дизајн, како и неколку нови и интересни функции, меѓу кои посебно се издвојува способноста за ЕКГ.
Текст и фото: Никола Бурагев
Додека пред неколку години, Huawei во Македонија беше речиси исклучиво синоним за паметни телефони со напредни камери, со текот на време компанијата изгради опсежно портфолио на носечки уреди како паметни часовници, смарт нараквици и безжични слушалки, со кои успеа да опфати солиден дел од пазар.
Ова посебно се однесува на паметните часовници, каде кинеската компанија има сопствен рецепт од кој не се откажува и кој се базира на два основни столба – што е можно поедноставен интерфејс и што подолготрајна батерија. Овие постулати важат и за неодамна претставената линија Huawei Watch GT 3 Pro.
Нема сомнение дека Huawei Watch GT серијата паметни часовници е една од најпопуларните на пазарот, а нејзината последна итерација во вид на GT3 Pro Titanium моделот преставува нејзин врв и исклучително зрел производ. Покрај белиот керамички модел со пречник од 43 милиметри, кој несомнено е наменет за женската публика, главна ѕвезда на GT 3 Pro семејството е титаниумскиот модел од 46 милиметри со соодветна алка од титаниум, кој порталот Конект.мк имаше можност да го тестира.
Дизајн и изработка
Дизајнот на GT 3 Pro моделот продолжува од претходните часовници од GT серијата, со одредени модификации. Пред се, куќиштето е изработено од титаниум, што на часовникот му дава матирана сива боја и го прави многу полесен отколку кога би бил направен од челик. Куќиштето има доста остри линии и „навртките“ се спуштаат кон зглобот, што придонесува за удобност при носењето. Лично, не сум љубител на новиот тренд на интегрирани „навртки“ – односно каде делот од часовникот што го држи ременот е направен од едно големо парче метал, наместо од две помали – но морам да признаам дека во овој случај решението функционира одлично.
Моделот на тест имаше титаниумска нараквица, која зрачи со висок квалитет. Во исто време, не зборуваме за некоја здодевна алка со обични рамни линкови, туку нивната тродимензионалност е подигната на повисоко ниво, благодарение на употребата на пет површини при креирањето на секој линк. Закопчувањето на ременот е преку таканаречениот механизам на „пеперутка“.
Нараквицата има можност за брза замена – со притискање на едно копче може буквално во секунда да се извади и да се замени со друга. Прилагодувањето на должината е изведено многу интуитивно; со помош на малечки куки на алките, кои се повлекуваат кон внатрешноста на нараквицата, можно е идеално да се прилагоди должината (во кутијата се вклучени и дополнителни линкови, за оние со поголеми зглобови).
Екранот на часовникот е заштитен со сафирно стакло, материјал кој се наоѓа на најскапите рачни часовници во светот, кој е практично целосно отпорен на гребење (но недостаток е што е малку понежен од минералното стакло). Дисплејот со дијагонала од 1,43 милиметри е исклучително светол, со голема острина и со видливост од сите агли. Освен при многу силна сончева светлина, доволно е осветленоста да се држи на помалку од половина.
Севкупно гледано, ова според мене лично е најдобро дизајнираниот часовник на Huawei досега. И покрај тоа што пречникот на куќиштето изнесува точно 46,6 милиметри, благодарение на тоа што е изработен од титаниум, големите димензии не значат тежок часовник. Покрај тоа, куќиштето е малку потенко во однос на претходникот, па профилот е нешто подискретен.
Huawei GT 3 Pro е и водоотпорен до длабочина од 50 метри, барем на хартија, а кинеската компанија ветува дека е можно да се нурне и до 30 метри со часовникот на рака. Има и нов посебен режим – Free Diving Mode, што прикажува информации за нуркање во реално време и може да биде особено корисен за секој почетник во нуркањето.
Батерија
Долгото траење на батеријата е карактеристика која досега се покажа како можеби најголемиот квалитет на часовниците на Huawei. На хартија, GT 3 Pro би требало да трае до 14 дена со блага употреба или до 7 дена со почесто користење на GPS (кој се активира при трчање, возење велосипед, навигација итн.). При тестирање на часовникот, батеријата траеше малку повеќе од десет дена, во текот на кои користев GPS, ги вклучив сите известувања, осветленоста на екранот беше на автоматски режим и го носев за време на спиењето.
Таквата автономија е вистински благодет, особено ако се земат предвид часовниците што треба да се полнат секој ден. Часовникот доаѓа со магнетен полнач во кутијата, а можно е и безжично полнење. Мора да се признае, тоа е малку покомплицирано со титаниумската нараквица и бара малку ангажман (откопчување на едната страна од нараквицата и потоа ставање на задниот дел од часовникот на полнач).
Кориснички интерфејс
Новиот часовник на Huawei работи на сопствениот оперативниот систем на компанијата, Harmony. Се работи за прилично едноставен интерфејс, што во голема мера придонесува за долговечноста на батеријата. Освен прединсталираните апликации, можно е да се инсталираат уште неколку, но бројот е ограничен. Часовникот е едноставно многу фокусиран: следење на здравствените и фитнес активности и основните известувања. Се друго е луксуз. Инаку, иако во Google Play продавницата ја има апликацијата Huawei Health, се препорачува да ја преземете и App Gallery продавницата на Huawei, бидејќи таму можете да ги најдете најновите верзии на сите апликации потребни за часовникот.
Кога сме кај паметните функции, на GT 3 Pro е можен и преглед на пораките од паметниот телеон со одговарање со предефинирани пораки, преглед на нотификациите од апликациите кои ќе ги изберете, како и јавувањето на телефонски повик, кое работи прилично добро. Преку апликацијата на смартфонот, можно е да се постават десет одговори на известувањата, кои на приемр доаѓаат од WhatsApp, за да може да се испраќаат директно од часовникот и ова одлично функционира.
Понатаму, преку часовникот може да се извршуваат телефонски повици додека е поврзан преку Bluetooth со телефонот (иако дискрецијата е невозможна во таква ситуација). Навигацијата низ интерфејсот се изведува со помош на дигитална круна, која се ротира и овозможува побрзо поминување низ менијата. Еден од најдобрите делови на сите часовници на Huawei е можноста за следење на квалитетот на спиењето.
Има уште неколку новитети: на пример, опцијата Route Back, која ви помага да се вратите на почетната точка кога се движите во непозната средина и доколку потенцијално се изгубите, или можноста за предупредување за ненадејни промени на временските прилики.
Сензори за следење на здравствени параметри
Следењето на здравјето секако е незаобиколен аспект, а тука GT 3 Pro донесува одредени унапредувања и некои нови можности. Покрај следењето на бројот на отчукувања на срцето, стресот, сонот, заситеноста на кислород во крвта, поминатите чекори и потрошените калории, присутно е и мерење на температурата на кожата, кое сепак не е замена за термометар, но претставува референца преку која ќе можете да забележите доколку нешто не е во ред, односно ако температурата ви порасне повеќе од вообичаеноото. Новиот систем на сензори, кој е интегриран во керамичката позадија на часовникот поддржува и ЕКГ, кој на овој модел работи без никакви рестрикции кои можевме да ги видиме на некои други модели.
Часовникот едноставно ви прикажува графикон и ви дава проценка дали е се во ред или постои некој проблем, секако со предупредување дека ова сепак не е медицински уред и замена за доктор. Што се од однесува до прецизноста на останатите сензори, новиот систем претставува унапредување и работи сосема коректно, иако прецизноста на резултатите зависи и од начинот и позицијата на која го носите часовникот на рака. Покрај традиционално деталните информации што е можно да се погледнат во апликацијата Huawei Health, што е една од најсилните страни на Watch GT серијата, на GT 3 Pro забележавме и доста нови ситници врзани за фитнес и здравје во вид на нови опции, оптимизација на интерфејсот и слично, што севкупно остава впечаток на најоптимизиран и најиспеглан производ досега. Претходно се инсталирани и опциите за следење на повеќе од 100 спортски и фитнес активности.
Финален впечаток
Сè на сè, Huawei Watch GT 3 Pro е одличен еволутивен чекор во ова семејство паметни часовници, со премиум материјали и атрактивен дизајн, како и неколку нови и интересни функции, меѓу кои посебно се издвојува способноста за ЕКГ. Се работи за исклучителен паметен часовник, како по прашање на хардверот, така и во поглед на софтверот и интеграцијата со Huawei Health апликацијата. Концептот што го избра Huawei доста се разликува од WearOS и WatchOS часовниците, со помалку паметни функции и апликации, но со поодбра и попрактична аналитика на податоци и значително подобро траење на батеријата.
Паметните часовници може да се набават во партнерската мрежа на Huawei Македонија, по препорачана цена од 28.999 денари (елегантна верзија со титаниумски ремен), 21.999 денари (спортска верзија со кожен ремен) и 30.999 денари (керамичка верзија на женскиот часовник).
Huawei Watch GT 3 Pro спецификации:
- Екран: AMOLED, 1,43 инчи, 466 x 466 пиксели (326 ppi), осетлив на допир
- Куќиште: Титаниум, керамика, екран од сафирно стакло
- Оперативен систем: HarmonyOS 2.0
- Батерија: 530 mAh, незаменлива, литиум-јонска
- Конекции: Bluetooth 5.1, BLE / BR / EDR
- Сензори: Отчукување на срце (оптички), термометар, ЕКГ, брзиномер, жироскоп, барометар, компас, капацитативен, GPS (GLONASS, GALILEO)
- Водоотпорност: нуркање до 30 метри, 5 ATM, IP68
- Димензии: 46.6 x 46.6 x 10.9 мм
- Тежина: 54 грама (без ремен)
- Цена: 28.990 денари
- Оценка 5/5