Долго време неинтересни на колекционерскиот пазар, VHS видеолентите последниве месеци постигнуваат фантастични цени на новите наддавања, благодарение на носталгијата кон овие касети, но и желбата за нови можности за инвестирање.
– Колекционерите на видеокасети ги има од 70-тите, кога овој видеоформат првпат беше воведен, но овие денови повеќето VHS ленти не вредат речиси ништо. Ќе бидете среќни ако добиете до 5 долари, вели Џон од синирот Newmarket во Канада.
Во аукциската куќа Heritage Auctions во јуни, сепак, видеоснимка од филмот „Враќање во иднината“ се продаде за 75.000 долари, а примероци од „Goonies“ и „Jaws“ беа продадени за 50.000 и 32.500 долари, соодветно.
До неодамна, само некои филмови кои не се достапни на интернет или други медиуми, особено помалку познати хорор-филмови, можеа да имаат повисоки цени, понекогаш дури и над 1.000 долари. Но, овој нов тренд најмногу вклучува блокбастер филмови, особено од раните 80-ти. За една лента да се смета за вредна, таа мора да исполнува некои посебни критериуми, како што се први изданија или запечатени примероци.
Џеј Карлсон, директор на VHS одделот во Heritage Auctions, рече дека некои видеокасети можат да достигнат и шест цифри, можеби седум цифрени суми. Тој сепак гледа повеќе потенцијал во видеолентите отколку во видеоигрите, коишто лани на наддавањата забележаа две продажби од над милион долари.
– Познавам многу луѓе кои не се обожаватели на видеоигри и не играат игри, но не познавам многу луѓе кои немаат омилен филм, истакна тој.
Последните видеорекордери, инаку, беа произведени 2016 година.
Филип Бејкер, кој ја води страницата Video Collector, смета дека носталгијата е една од главните причини за повторно зголемениот интерес.
„Една од посебните работи за видеокасетите во споредба со другите формати е тоа што тие беа првиот достапен начин за гледање филм дома“, вели тој.
Интернет-водителот Пет Контри има поинаков поглед и прави паралела меѓу актуелниот VHS тренд и видеоигрите. Тој рече дека двата пазара се преплавени со „луѓе кои штотуку решиле да влезат“ во нив. Си велат: „Имам пари, ајде да вложам во нешто“.