Дигиталните фотоапарати од SLR типот повеќе нема да бидат во фокусот на јапонскиот производител и компанијата очекувано ќе ги насочи своите напори кон понатамошниот напредок на mirrorless моделите.
Донекаде очекувана вест, но повторно прилично битна за светот на дигиталните фотоапарати, пристигнува од Јапонија. Nikkei дознава дека локалниот производител на фотографска опрема, Nikon целосно ќе престане да развива нови модели на DSLR фотоапарати. Технологијата „digital single lens reflex“, која користи систем од призми и огледала за снимање, полека е на излезна врата и станува се појасно дека целосно ќе биде заменета со нова, покомпактна и модерна mirrorless технологија на фотоапарати (без огледало).
Последниот DSLR фотоапарат на Nikon беше D6, претставен пред две години. Оваа компанија има 60-годишна традиција на производство на (D)SLR фотоапарати, по што е и најпозната. Но, и тој сегмент, како и сегментот на компактни фотоапарати, се под голем пазарен притисок од камерите на мобилните телефони, па така Nikon, и не само Nikon, уште претходно престана да развива нови компактни модели.
Продажбата на сите модели е во пад
Nikon најавува дека ќе продолжи да ги нуди постоечките DSLR уреди, но дека повеќе нема да развива нови. Минатата година, наводно, продале околу 400.000 фотоапарати ширум светот, што ги става на второто место, веднаш зад Canon. Првиот Nikon DSLR беше претставен во 1991 година. Тоа беше моделот Nikon D1, со резолуција од 2,7 мегапиксели, што е мизерно според денешните стандарди.
Кога станува збор за општите трендови на пазарот, сликата не е позитивна ниту за DSLR моделите. Во 2020 година, mirrorless моделите првпат ги надминаа во однос на обемот на продажба во светот, со 2,93 наспроти 2,37 милиони продадени прмероци. Но, и целиот пазар е во пад, па лани во светот беа продадени само 5,34 милиони камери – што е значително помалку од 11,67 милиони во 2017 година, кога е забележан и врвот во продажбата на тој сегмент.