Околу 47 проценти од испитаниците изјавиле дека би вградиле имплант доколку е бесплатен.
Полско-британска компанија им нуди на поединци можност да добијат поткожен имплант во раката, кој може да се користи за бесконтактни плаќања – како банкарска картичка или телефон.
Компанијата Walletmor продава микрочипови со големина на мала игла, кои се вградени под кожата на раката на поединецот, а чинат 200 евра.
Според компанијата, повеќе од 200 поединци веќе се микрочипирани, а Walletmor верува дека тоа е затоа што луѓето не сакаат да се грижат дали ќе ги загубат своите паричници или дека ќе им ги украдат банкарските картички.
Национална студија, спроведена од BIOSTAT, откри дека повеќе од 72% од Полјаците се загрижени дека нивниот паричник или картички ќе бидат украдени или изгубени. Речиси 47% од испитаниците исто така рекле дека би вградиле имплант доколку е потполно бесплатен.
Имплантот ќе им овозможи на поединците да вршат плаќања без да носат каква било форма на физичко плаќање, како што се мобилни телефони или картички.
Идејата за имплантација на микрочип не е ништо ново, бидејќи некои луѓе во Шведска сакаат да добијат микрочипови кои содржат записи за вакцинирање против COVID-19, но ова е прв случај кога се користи микрочип за плаќање.
По постапката, поединците можат да префрлат средства на апликацијата за дигитален паричник и веднаш можат да купуваат во повеќето бизниси ширум светот, едноставно со скенирање на раката преку читач на картички.
„Секој ден добиваме неколку телефонски повици од цела Полска кои прашуваат за имплантација каде може да се направи тоа“, наведуваат од компанијата. „Интересот е толку голем што во моментов кај нас неколку десетици луѓе чекаат на ред.“
Според генералниот директор и основач на компанијата, Војтек Папрота, имплантацијата е едноставна и „безболна“, но треба да ја вршат само професионалци во хигиенски услови. Во моментов постапката се нуди само на постојани жители на земјите од Европската Унија, Швајцарија и Обединетото Кралство.
Симон Манастерски, специјалист ортопед кој соработува со компанијата Walletmor, вели дека зафатот трае нешто повеќе од 25 минути, додека самата имплантација трае само четири минути. Имплантот, кој е дебел помалку од еден милиметар, се става под кожата преку засек. Вградениот микрочип истекува пет години по активирањето, но може лесно да се замени.