Кина започна со изградба на нов објект за активно набљудување со цел да ја унапреди одбраната на планетата Земја.
Кинеските власти и научници тврдат дека новиот радарски систем ќе помогне да се заштитат луѓето од вселенските карпи, заедно со други слични програми како што е мисијата DART на NASA.
Објектот е дизајниран да детектира астероиди блиску до Земјата кои би можеле да бидат закана за човештвото, а ќе биде изграден во Чонгкинг на југозападот на земјата. Кодното име на објектот е China Fuyan.
Овој објект за набљудување ќе има повеќе од 20 антени, од кои секоја ќе има дијаметар меѓу 25 и 30 метри. Антените ќе работат истовремено за да вршат HD набљудувања на астероиди до 150 милиони километри од Земјата. Глобал тајмс пишува дека тоа ќе биде радарскиот систем со најдолг дострел.
Претседателот на Технолошкиот институт во Пекинг, Лонг Тенг рече дека изградбата на објектот China Fuyan ќе ја подобри одбраната на Земјата, како и можностите за следење на ситуацијата во вселената, но ќе помогне и во проучувањето на потенцијално населиви егзопланети и астероидни формации.
Изградбата на Фујан ќе започне со четири радари со дијаметар од 16 метри дизајнирани за првично тестирање. Ако се оди според планираното, бројот на антени ќе се зголеми на повеќе од 20, со што ќе се креира HD радарски систем. Тоа ќе биде првиот длабок вселенски радар кој ќе може да извршува 3D снимање и динамично следење, како и активни набљудувања на вселенски објекти низ Сончевиот систем.
Кина во април најави изградба на систем за следење и одбрана на Земјата од астероиди со цел да ги заштити планетата и луѓето. Системот за предупредување ќе биде поставен на Земјата, но и во вселената и ќе помогне да се детектираат сите астероиди кои би можеле да бидат закана за активностите во вселената, како и за населените области на нашата планета. Кина, исто така, работи на развој на систем за пренасочување на астероиди сличен на мисијата DART на NASA, која е лансирана во ноември 2021 година.
Кинеската вселенска агенција CNSA направи голем напредок во последниве години, со цел да стане водечка глобална сила во вселената. Оваа агенција минатата година ги понуди првите докази за постоење на вода на површината на Месечината, а неодамна објави дека развива нуклеарен реактор за Месечината, кој наводно ќе биде 100 пати помоќен од оној што го развива NASA.