Само што се понадевавме, еве уште една лоша вест за сите љубители на PC платформата. Колапсот на пазарот на криптовалути донесе намалување на цената на графичките картички, но според информациите на порталот The Verge, Intel одлучил да ги разочара клиентите со најавеното зголемување на цената од дури 20 проценти за одредени модели на процесори.
Пораст на цените
Според моментно достапните информации, Intel се подготвува да ги зголеми цените на своите процесорски решенија и други чипови подоцна во текот на годината. Покрај процесорите, поскапувања се очекуваат и за Wi-Fi чиповите. Сето тоа ќе доведе до зголемување на цените и на преносните и на персоналните компјутери во празничниот период од тековната година.
Според Nikkei, цените се уште не се финализирани, но се споменува дека некои чипови би можеле да поскапат и до 20% и дека Intel веќе почнал да ги информира своите клиенти. Иако ова не е најдобра вест, овој развој на настаните не е изненадување со оглед на фактот што компанијата Intel веќе на почетокот на годината предупреди дека цените на чиповите ќе пораснат поради поскапувањето на материјалите, транспортот и работната сила.
Нестабилен пазар на персонални компјутери
Ваквото поскапување се случува паралелно со намалениот интерес за персоналните компјутери и во време кога растечката инфлација се одразува на цените на персоналните компјутери. Според сегашните податоци, бројот на испораки на персонални компјутери во текот на првиот квартал од тековната година паднал за цели 13 проценти, што претставува најголем пад во последните девет години.
Кои се причините за остриот пад на пазарот на персонални компјутери? Ковид-19, се разбира, како и актуелната војна во Украина, која предизвика повеќето големи брендови да се повлечат од рускиот пазар бидејќи извозот во Русија сочинува помеѓу пет и десет проценти од вкупното светско производство на компоненти за компјутери.
Кога ќе дојде крај?
Добра вест е што во моментов се уште нема информации дали и другите производители ќе го следат трендот на Intel и ќе ги подигнат своите цени. Големите технолошки компании како AMD, Nvidia, Marvell, Realtek, Silicon Motion, Phison и многу други сè уште немаат објавено. Се надеваме дека нема, но за жал светот на мегакорпорациите не функционира така.
Нема да бидеме изненадени доколку и другите производители на чипови ги зголемат цените следната година. Што се однесува до крајот на ситуацијата? Искрено, кога ги видовме цените на графичките картички, самите помисливме дека конечно се гледа светлината на крајот од тунелот. Меѓутоа, сега веќе не сме толку сигурни, а цените имаат лоша навика дека, откако ќе пораснат според планираното, тешко е потоа да се вратат на претходната состојба.