Како што се вжештува конкуренцијата на полето на QLED, Sony направи интересен чекор напред со својата QD-OLED технологија
Додека повеќето други производители работат напорно за да ги усовршат и да ги направат QLED телевизорите поевтини, Sony остави дел од својот буџет за истражување во одделот за OLED, и се чини дека инвестициите се исплатеа. Нивниот прв модел со новата QD-OLED технологија се појави на пазарот по неколку месеци рекламирање на оваа иновација како огромен чекор напред. Клучот лежи во комбинацијата на диоди кои емитуваат сина светлина низ полупроводничкиот слој, што резултира со многу помала загуба на светлина и поприроден изглед на бојата на екранот во споредба со стандардната OLED технологија.
Квалитетот на сликата на првиот јавно достапен модел А95К добива високи оценки од струката, како и од публиката која имаше можност да ја види оваа изведба на панелот на саемите во првата половина од годината. Високите контрасти се веќе стандардна сила на телевизорите на Sony, но новата технологија му овозможи на овој модел, кој доаѓа во формати од 55″ и 65″, да се издвојува не само од конкуренцијата, туку и од остатокот од понудата на истиот производител.
A95K доаѓа со Google TV платформа на оперативниот систем Android 10, како и минатогодишните модели, но со VRR поддршка, која добро ќе им се најде на оние кои планираат да играат игри на овој телевизор, бидејќи ќе ја прилагоди стапката на освежување на сликата со содржината на екранот. Во овој модел доаѓа и технологијата Acoustic Surface Audio+, што значи дека звучниците се вградени во самиот екран.
Вградениот микрофон овозможува користење на гласовни команди за контрола на телевизорот, а поддршката за камерата вклучува и можност за автоматско калибрирање на телевизорот, така што сликата и звукот идеално се насочени кон местото каде што се гледачите.
Sony е познат како еден од поквалитетните, но и поскапи брендови на пазарот на масовно популарни телевизори, па A95K не отстапува од таа репутација. Цената од околу 3000 евра за помалата дијагонала од 55 инчи и околу илјада повеќе за моделот со екран од 65 инчи ја става чекор погоре во споредба со цените на OLED панелите од други производители, но тој скок на цената треба да се оправда со квалитет.