Аналитичката компанија Canalys објави интересни податоци, кои покажуваат во која насока се движи пазарот на паметни телефони.
Според анализата, фокусот на клиентите се менува и се префрла од средниот кон долниот сегмент на пазарот. Причината за ова е што буџетските уреди стануваат поспособни, а моменталната финансиска клима ги принудува клиентите да ги преиспитаат своите потреби кога купуваат смартфони.
Сепак, еден бренд продолжува да продава премиум телефони без проблеми, а погодувате, се работи за Apple.
Според Canalys, испораките на мобилни уреди ширум светот паднале за 9 проценти на годишно ниво во вториот квартал од 2022 година.
Во споменатиот период, Samsung зазеде 21 проценти од пазарниот удел, сето тоа благодарение на серијата Galaxy A од долниот сегмент. Apple е втор, со удел од 17%, а линијата iPhone 13 продолжува да бележи добра продажба и покрај цената.
По овие две компании следат Xiaomi, Oppo и Vivo, иако секоја од овие компании изгуби меѓу еден и три отсто од пазарниот удел на годишно ниво.
Аналитичарите на Canalys истакнуваат дека забавувањето на пазарот е последица на економските превирања во светот. Исто така, се наведува дека средниот сегмент на пазарот на смартфони е презаситен и дека се очекува корисниците да се фокусираат на долниот сегмент од пазарот.