Во светот во вториот квартал од годината продадени се 316 милиони паметни телефони или девет проценти помалку во споредба со истиот период од 2021 година. Падот на продажбата се должи на инфлацијата и другите економски препреки, се наведува во извештајот на аналитичката компанија Canalys.
И покрај вкупниот пад, продажбата на паметни телефони на Apple и на Samsung и понатаму се на првите две места по продажба, како и меѓу првите пет, кои единствени го зголемиле пазарниот удел.
Samsung сè уште е број еден во светот и по вториот квартал од 2022 година има најголем пазарен удел во однос на испораките на паметни телефони, со 21 отсто, што е зголемување од 18 проценти во споредба со истото тримесечје од 2021 година, додека втор е Apple со пазарен удел од 17 отсто, исто така зголемен, од минатогодишните 14 проценти.
Меѓу првите пет снабдувачи кои бележат пад од три до еден отсто на продажбата се Xiaomi, Oppo и Vivo. Xiaomi минатата година имаше 17 отсто удел на пазарот, а годинава 14, додека Oppo од 11 падна на 10, а Vivo од 10 на 9 проценти.
Според аналитичарите на Canalys, прекумерната понуда на телефони од средна класа и цена, доведува до трупање на резерви поради тоа што купувачите поради инфлацијата купуваат телефони со пониски цени и се очекува продавачите да ги засилат промоциите и специјалните понуди во наредните месеци за да ја поттикнат продажба и пред периодот на празници кон крајот на годината.