Во земји како Данска, Шведска…, веќе има 1000 активни пумпи со ова гориво
Toyota Hilux и Toyota Land Cruiser се класични модели кои во Европа тешко може да се замислат во други изданија освен со дизел како погонско гориво. Од друга страна познато е дека Европската Унија планира да ја забрани продажбата на сите автомобили со мотори со внатрешно согорување, односно оние кои емитуваат штетни издувни гасови од 2035 година, а тоа би можело особено да влијае на Toyota, односно нејзините споменати теренски модели. Во Toyota очигледно размислувале на таа тема и дошле на идеја спасот да го побараат во горивото HVO100 со цел задржување на дизелите, но и елиминирање на загадувањето.
Горивото HVO100 е претежно од растително потекло, произведено од Несте во Финска. Се истакнува со поголем цетански број (c80) од стандардниот дизел, како и со помала содржина на сулфур и ароматични јаглеводороди. Направен е од 100% обновливи суровини, а меѓу неговите компоненти се растително масло од палма, семе од репка и рециклиран отпад како што е искористеното масло за јадење кое не испушта јаглерод диоксид во атмосферата. Производството се одвива со хидротретирање на растителни масла и/или животински масти. Резултатот е висококвалитетно гориво со хемиски состав идентичен на конвенционалниот дизел.
Растенијата од кои се произведува веќе заробиле CO2 во текот на нивниот претходен живот преку фотосинтеза. Сега, кога согорува во моторот со внатрешно согорување, CO2 повторно се произведува, но кога ќе се земе предвид неговото потекло, неговите емисии се 90% помали отколку кога би се користел конвенционален дизел.
Првично наменет за тешката транспортна индустрија, HVO100 е тестиран на камиони. Синтетичкиот дизел има индекс на палење помеѓу 70 и 90, додека фосилните дизел горива имаат индекс помеѓу 50 и 60. Ова му овозможува не само да ги одржува перформансите туку и да ги зголеми перформансите на моторот.
Единствениот минус на ова гориво е неговата помала густина од фосилниот дизел, што бара мала техничка модификација на возилата. Неопходно е да се смени системот за вбризгување за да се зголеми доводниот проток. Првите Toyota Hilux и Land Cruiser возила кои ќе го користат новото гориво од производните ленти ќе бидат симнати во првиот квартал од следната година.
Во земји како Данска, Шведска…, веќе има 1000 активни пумпи со ова гориво.