Huawei официјално го објави својот нов оперативен систем HarmonyOS 3.0.
HarmonyOS првпат се појави во 2019 година по познатите санкции наметнати на Huawei, а потоа се појави втората верзија која достигна 90 милиони корисници до септември минатата година. Сега, HarmonyOS се користи на повеќе од 300 милиони уреди, а дополнителни над 170 милиони уреди ја користат платформата HarmonyOS Connect преку која компании од трети страни прават компатибилни уреди.
Huawei сега ја претстави третата верзија на својот оперативен систем, која всушност веќе дебитираше со презентацијата на Huawei MatePad Pro 11. Овој уред наскоро ќе се појави на меѓународните пазари, а новиот систем носи поинаков изглед, подобрени виџети и мултитаскинг.
Universal Card виџетот е лесно прилагодлив, овозможувајќи неколку форми, големини и стилови. Ова им овозможува да се групираат заедно кога има смисла, а виџетот автоматски ќе се приспособи на соодветната големина. Меѓутоа, кога ги има премногу, тие може да се наредат еден врз друг, а потоа е лесно да се манипулира со нив.
Новиот OS обезбедува можност за поврзување на два пара специфични слушалки, така што двајца луѓе можат да слушаат музика. Поврзувањето е знаачен дел од системот.
Кога станува збор за приватноста и безбедноста, новиот оперативен систем следи колку често апликациите пристапуваат до локацијата, камерата, микрофонот, фајловите или контактите на корисникот. Системот покажува икона за да може корисникот да одлучи дали сака рачно да ги отповика дозволите за апликацијата, но системот може да го направи тоа автоматски. Исто така, го следи можното однесување на малициозните апликации, сомнителната мрежна активност и други закани. На недоверливите апликации може да им се дадат „лажни дозволи“ што им овозможуваат пристап до празни фолдери со фотографии или празен SMS inbox, во кој нема ништо.
Системот има и едноставни алатки за отстранување на потенцијално чувствителни податоци за споделување фотографии, како што се податоци за времето и локацијата. Исто така, можно е да се скенираат скриншотови и да се сокријат телефонски броеви, адреси и слично.
Huawei работеше на оптимизација, така што е подобрено времето на покренување на апликациите и нивниот одзив, а намалена е потрошувачката на енергија за време на гејмингот.