По успешното тестирање на „Инџинуити“ (генијалност), малиот хеликоптер што го придружуваше роверот на американската вселенска агенција до Марс, NASA сака да испрати уште два мини-хеликоптери на Црвената планета.
Двата хеликоптери потенцијално би можеле да помогнат во собирањето примероци што ќе се вратат на Земјата, објавија на прес конференција NASA и Европската вселенска агенција (ESA), која исто така е вклучена во проектот, пренесува DPA.
„Инџинуити“ слета на Марс во февруари 2021 година со роверот „Персевиранс“. Набргу потоа, хеликоптерот, кој се напојува со литиум-јонски батерии и тежи околу 1,8 килограми, стана првото летало кое комплетирало лет на друга планета. Во меѓувреме веќе има реализирано 29 летови.
Мисијата на хеликоптерот, која всушност беше планирана да трае само 30 дена и требаше да се справи со екстремните услови на Марс, одамна е продолжена на неодредено време.
Откако првиот обид за дупчење не успеа минатата година, бидејќи карпата не била доволно цврста и не можела да се наполни во цевката за примерок, Perseverance успешно зеде и спакува 10 примероци, а во моментов зема уште 11, според NASA.
Севкупно, има место за 30 примероци, од кои секој е дебела колку молив и тежи околу 150 грама. Според сегашниот распоред, овие примероци се очекуваат на Земјата во 2033 година.