Венеција е прекрасен „пловечки“ град кој тоне, а шведската компанија Candela тврди дека нејзините „летечки“ електрични чамци можат да помогнат да се спаси.
На Венеција ѝ се заканува деструктивниот феномен „moto ondoso“, бранови кои удираат во градбите и тротоарите и се предизвикани од чамците кои минуваат низ градските канали.
УНЕСКО го означи moto ondoso како „макро итен случај“ што ја загрозува кревката лагуна и посочи дека е неопходно драстично да се намалат последиците од моторните чамци, а токму тука компанијата Candela ја гледа својата шанса.
Електричните чамци Candela C-8 и P-8 Voyager се посебни по тоа што не создаваат речиси никакви бранови: C-8 е елегантен брод, додека P-8 Voyager е дизајниран да пренесува патници како такси или шатл. Овие карактеристики овозможуваат гореспоменатите електрични чамци да бидат широко користени во Венеција.
Дизајнирани од експерти за авијација и беспилотни летала, чамците на Candela произведуваат „патека“ од само 5 сантиметри кога се движат со брзина од околу 55 км/час, така што брановите веројатно нема да удрат на брегот, или во темелите на градот. Исто така, чамците пловат тивко.
Поголемиот модел P-12 може да прими до 30 патници и беше најавен во јуни оваа година. Candela тврди дека тоа ќе биде првиот „летечки“ траект со домет од 60 наутички милји, кој ќе може да плови со брзина до 60 км/час. Производителот тврди дека овој брод може да биде решение, односно алтернатива за возилата на тркала за време на сообраќајниот шпиц.
Шведската компанија го претстави својот прв брод C-7 во 2019 година, а нема затворена кабина како другите и е повеќе брод за уживање во лето.
Бродовите на Candela можат да пловат 150 минути со едно полнење на батеријата, а во иднина би можеле да се користат надвор од Венеција за да пловат до островите Бурано и Пелестрина.
Додека Венеција чека, Стокхолм веќе планира да го тестира моделот P-12 на рута помеѓу центарот на градот и предградието Екеро, со крајна цел да ја стави во употреба целата флота. Производството на чамци ќе започне наесен оваа година, а тестирањето ќе започне во првата половина на 2023 година.