Едно од подобрувањата за кое во моментов најмногу се зборува поради излегувањето на новите iPhone 14 модели и оперативниот систем iOS16 е активирањето на опцијата Always-on дисплеј, што е инаку голем хит кај Apple Watch уредите.
Корист од екранот кој е постојано вклучен е тоа што овозможува прикажување на основните информации како што се времето, датумот и разните известувања, без да мора постојано да го притискате power копчето. Најновата, бета верзија на iOS 16, објавена во текот на претходната недела, открива нови wallpaper позадини за iPhone прилагодени токму за режимот на работа кога екранот е постојано вклучен.
Како што пренесе 9to5Mac порталот, новите позадини за iOS 16 се всушност повеќеслојни векторски илустрации, кои се прикажани во различни режими на осветленост, а новата состојба на уредот во iOS бета верзијата, под името „Sleep“, е особено мрачно. Како што веќе знае секој што има Apple Watch, позадините во Always-on display режимот се всушност многу потемни верзии од стандардниот приказ напозадини.
Изгледа дека iOS 16 презема некои од функциите на Apple Watch. Покрај анимираните позадини во 3D портрет модот што ќе бидат достапни отсега на iPhone уредите, можете да ја активирате и апликацијата за фитнес.
Побрзиот пристап до основните информации може да биде добра работа – да можете да го видите актуелното време на вашиот iPhone, додека е на вашата работна маса е секако поудобно отколку постојано да посегнувате по копчето за вклучување за да го осветлите. Според наводите на creativeblog, важно е да се забележи дека стапката на освежување на заклучениот екран може значително да се намали, овозможувајќи му на екранот да прикажува постојани информации без огромно влијание врз траењето на батеријата.
Да бидам искрен, оваа функција можеби не звучи дека е многу битна за телефон, како што се покажа многу корисна на Apple Watch. Рачниот часовник едноставно го губи своето значење без можност во секое време да ѕирнете во него и да имате точна информација за времето, додека ситуацијата е малку поинаква кај смартфонот. Всушност, времето ќе покаже дали опцијата за секогаш вклучен екран на iPhone телефоните навистина ќе пристигне оваа година, но секако е возбудлив додаток на листата на новитети кај iPhone 14 моделите.