Пред извесно време се појави веста дека Intel планира да ги зголеми цените на своите производи како резултат на ефектите од глобалната инфлација. Постоечката пресметка на цената на чинење е неодржлива бидејќи се зголемени трошоците за: енергија, суровини и работна сила, а сето тоа се совпадна со проблемот со прекумерната понуда и големите залихи, што ќе влијае на цената на различните видови чипови и процесори од понудата на оваа компанија. .
Гласините говорат дека Intel веќе „напумпал“ дополнителни трошоци во постоечките цени за да ги надомести зголемените тековни трошоци, надевајќи се дека ќе ги принуди добавувачите на компјутери да ги зголемат нарачките и да купат повеќе процесори и чипови за Wi-Fi пред официјалното зголемување на цената. Многу „мудар“ начин да се ослободите од тековниот вишок залихи во магацинот.
Неодамнешните извештаи за катастрофално лоши деловни резултати во последниот квартал само го забрзаа темпото на покачување на цените за процесорите и другите производи на Intel. Финансискиот директор на компанијата, Дејвид Зинснер, официјално ја потврди оваа вест, кој најави дека поскапувањето ќе започне во делот од сезоната кога има најголема побарувачка, односно почнувајќи од ноември, божиќните и новогодишните празници.
Како веста за поскапувањето да не е веќе доволно лоша за тенките паричници на крајните корисници, Зинснер додаде дека производите на клиентите ќе станат поскапи од производите наменети за центри за податоци и производи за вештачка интелигенција. Интел во тој период ќе има добра понуда на актуелни производи, со доволни количини, што според нив ќе биде вин-вин комбинација за излез од актуелната криза и загуби.
Intel планира да ја претстави Core серијата процесори од 13-та генерација под името Raptor Lake во четвртиот квартал од оваа година до првиот квартал од следната година, со сеопфатно подобрување на карактеристиките на десктоп и мобилните платформи. Кога овие процесори официјално ќе бидат претставени на пазарот, потрошувачите ќе го почувствуваат зголемувањето на цените на процесорот, што ќе биде пропорционално поскапо во споредба со истите и слични производи од претходната генерација. Според информациите на expreview, поскапувањето на Intel овој пат ќе изнесува околу 10 до 20 проценти!