Научниците тврдат дека да се биде во вселената е огромен предизвик за човечкото тело.
Најновата студија ги истражуваше ефектите на микрогравитацијата врз коските на астронаутите и утврди дали делумно или целосно закрепнување се случува по една година на Земјата. Во истражувањето учествувале 14 машки и 3 женски астронаути, чија просечна возраст била 47 години, од кои во вселената во просек поминувале 5 и пол месеци.
Дали е можно закрепнување?
Водечкиот автор на студијата и професор на Универзитетот во Калгари, Ли Гејбл, објаснува дека претходните студии веќе сугерирале дека постои губење на коскената маса како резултат на престојот во вселената. Меѓутоа, сега главната цел била да се утврди дали и во колкава мера коските на астронаутите се опоравиле една година по враќањето од мисијата.
„Астронаутите доживеаја значително губење на коскената маса за време на шестмесечните вселенски летови, загуба што би очекувале да ја видиме кај постарите возрасни лица во текот на две децении на Земјата, додека повторно ќе повратат само околу половина од изгубеното една година по враќањето“, рече Гејбл.
Резултатите сугерираат дека по враќањето на Земјата астронаутите имале просечно 2,1% помала минерална густина во тибијата и дека 9 од нив неповратно изгубиле дел од коскената маса.
„За време на летот во вселената коскените структури стануваат потенки и на крајот некои од нив се одвојуваат една од друга. Кога астронаутот ќе се врати на Земјата, преостанатите коскени врски може да се згуснат и зајакнат, но оние што се одвоиле во вселената не можат повторно да се закачат и обноват, така што структурата на коските на астронаутот останува трајно изменета“, објаснува Гејбл.
Микрогравитацијата остава сериозни последици врз нашите тела
Патувањето во вселената е огромен предизвик за човечкото тело, а најновите студии сугерираат дека вселенските агенции ќе мора посериозно да се справат со овој проблем. Со оглед на најавата на НАСА дека ќе ги испрати луѓето назад на Месечината во 2025 година – вовед во идните мисии на Марс – клучно е што е можно поскоро да се открие како микрогравитацијата влијае на нашите тела и дали е можно да се спречат негативните последици.
Познато е дека кардиоваскуларниот систем трпи огромен притисок, бидејќи без гравитацијата која ја „влече крвта“ кон нашите стапала таа се акумулира во горниот дел од телото – што може значително да влијае на срцето, но и на видот.
„Радијацијата е исто така голем здравствен проблем за астронаутите, бидејќи колку подалеку од Земјата, толку е поголема изложеноста, што го зголемува ризикот од рак“, предупредува Гејбл.
Исто така, откриено е дека должината на престојот е исклучително важна, бидејќи колку повеќе време човечкото тело поминува во вселената, толку е помала веројатноста дека неговите коски ќе закрепнат по враќањето. Според научниците, еден од ефективните начини да се спречи тоа се вежбите за време на летот. Сепак, заклучокот е дека сè уште не знаеме многу кога станува збор за влијанието на микрогравитацијата врз здравјето на луѓето, што е сериозна задача што научниците во иднина ќе треба подетално да ја истражат.