Компанијата Sony пред неколку дена го претстави бета фирмверот за својата најнова конзола PlayStation 5. Оваа надградба носи со себе две многу барани функции – 1440p излез и фолдери за игри.
Функцијата за 1440p излез е прилично едноставна. PlayStation 5 сега ќе може да работи во резолуција од 2560 x 1440 пиксели, заедно со 720p, 1080p и 2160p. Оваа функција беше многу барана уште од времето на PlayStation 4 Pro, но дури сега доаѓа на конзолата на јапонската компанија. Ќе ве потсетиме дека Microsoft ја има оваа функција уште од Xbox One X.
Игрите што интерно се прикажуваат на 1440p или пониска резолуција ќе се прикажуваат со нивната основна резолуција, додека игрите што се прикажуваат на 2160p ќе бидат намалени на 1440p.
Sony неодамна ги претстави гејмерските монитори INZONE, од кои едниот има резолуција од 1440p. Ова беше проследено со истата функција за PlayStation 5. Ова не е прв пат Sony да одлучи да го одложи додавањето на функција на својата конзола за да се синхронизира со своите други производи. Исто така, поддршката за VRR за PlayStation 5 пристигна откако телевизорите на Sony добија поддршка за VRR пред конзолата, на почетокот на оваа година.
Втората барана карактеристика што пристигнува со новото ажурирање се фолдери, односно gamelists, како што ги нарекува Sony. Така, сега корисниците на PlayStation 5 ќе можат да креираат листи на игри во различни персонализирани фолдери. Максималниот број на фолдери е 15, но секоја папка може да има наведени 100 игри.
Ова беше исто така многу барана функција, бидејќи моментално сите преземени игри едноставно се „фрлени“ на едно место, без простор за нивно организирање. Значи, не е јасно зошто на Sony му требаше толку време да ја додаде оваа функција на PS5.