Копчето што ја комбинираше „обичната“ и shuffle репродукција изнервира многу корисници, па Spotify по многуте барања конечно реши да ги раздвои
Spotify конечно ги одвојува копчињата за репродукција и shuffle, објави компанијата на својот официјален блог. Станува збор за промена која корисниците со нетрпение ја чекаа долго време, а која првично ќе биде достапна само за претплатниците.
„Оваа нова промена ќе ви овозможи да го изберете режимот што го претпочитате на врвот на вашата плејлиста и да ја слушате вашата музика онака како што сакате. Без разлика дали ви се допаѓа радоста на неочекуваното со shuffle режимот или сакате да слушате музика по редослед, Spotify ве покрива“, објави популарниот стриминг сервис.
Инаку, на врвот на страниците на плејлистата и изведувачите, има копче кое комбинира „редовна“ репродукција и shuffle. Вакво копче имаше и на албумите до ноември 2021 година, но благодарение на барањето на популарната англиска пејачка Адел, Spotify трајно го отстрани.
„Не создаваме албуми со толкава грижа во нашата листа на песни без причина. Нашата уметност раскажува приказна и нашите приказни треба да се слушаат онака како што сме замислиле“, изјави тогаш незадоволната Адел.
Претплатниците ќе ги видат посебните копчиња на Android и iOS апликацијата на Spotify во наредните недели.