Коронавирусот сѐ повеќе се шири меѓу граѓаните на повеќето земји на Балканот, како и кај нас, а тоа го потврдуваат бројките од ден на ден. Симптомите се менуваат низ соевите, но сега им се придружува уште еден нов кој досега не беше карактеристичен за оваа болест.
Седмиот бран на коронавирусот, како што беше и првиот, повторно ги напаѓа најстарите меѓу нас, па според лекарите неопходни се построги мерки и поголема епидемиолошка контрола.
Ситуацијата е таква што мнозинството од заразените со COVID-19 немаат никакви симптоми. Кога ќе се појават првите знаци на вирусот, тие се претежно благи и често дури и тестот не ги открива, односно е негативен, а пациентот е всушност позитивен на ковид. Младите се инфицираат на ист начин како и постарите, но нивната клиничка слика е обично поблага од, на пример, грипот и изгледа како обична настинка, иако не е. Се манифестира со малку покачена температура и болно грло кое трае ден-два. Експертите нѐ потсетуваат дека е важно да се тестираме, за себе и за доброто на другите.
„Еден од симптомите е болка во ‘рбетот. Речиси секој втор, трет пациент од 40 години па нагоре нема никакви тегоби и прв пат се среќаваме со овие симптоми“, изјави д-р Александар Стојановиќ, директор на Здравствениот дом „Палилула“ од соседба Србија, која исто како и Македонија се соочува со летен бран.
„Овој вид е специфичен. Имате болки во кичмата, немате температура, си мислите дека ви е од нешто што го работеле, но правите тест и сте позитивни. Имаме и заразени бебиња од еден месец, месец и пол. Има и тинејџери, но тие го минуваат на нозе. Ним симптомите им се поблаги. Но, возрасните се поранливи“, додаде д-р Стојановиќ за локалните медиуми.