Филијалата на Volkswagen во Кина го создаде првиот прототип на своето патничко летечко такси, електричен авион со можност за вертикално полетување и слетување, за најмногу четири лица и нивниот багаж.
Има се повеќе производители на кои веќе копното и асфалтот не им се доволни, па се трудат да придонесат за развој на воздушниот транспорт. Некои на ова поле се староседелци, како што се Honda и нејзините деловни авиони. Други пак, не се откажуваат од идејата за летечки автомобил, комбинирајќи ги својствата на автомобилот и авионот, додека оние третите, најпрактичните, сакаат само да остварат профитабилен лет.
Меѓу последните е и Volkswagen, чија кинеска филијала го претстави своето прво летало без многу „галама“. Flying Tiger е авион од типот eVTOL со својства за вертикално полетување, а лаиците најмногу ќе го поврзат со класичен дрон. Доколку го доживувате како патнички дрон, имајте на ум дека не е мал. Долг е 11,2 метри и широк 10,6 метри.
Има осум вертикални ротори и два хоризонтални ротори за погон, што му овозможува да се движи во сите правци. Flying Tiger сè уште е прототип, и е резултат на двегодишен развој. Целта е јасна, а тоа е да се превезат четири лица на растојание до 200 километри.
Од Volkswagen очекуваат дека треба да имаат целосно функционално патничко беспилотно летало во текот на следната година, а очекуваат дека до одреден степен би можело да ги замени хеликоптерите во цивилниот транспорт во поголемите градови. Најголема предност е тоа што не загадува, а недостаток е што во тој случај ќе мора да исполни голем број прописи.